Havva Kara Aydın
15 Декември 2019•Ажурирај: 16 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Мегапроектот Канал „Истанбул“ ќе го ослободи и ќе го заштити Босфорскиот Теснец кој минува низ турската метропола Истанбул, истакна турскиот министер за животна средина и урбанизам, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ние гледаме на Каналот „Истанбул“ како многу важен проект за иднината на нашата земја со нејзините крајбрежни структури, марини, пристаништа за товарни контејнери и логистички центри“, рече Мурат Курум.
Тој истакна дека студиите за потенцијалното влијание на проектот врз животната средина се кон крај и дека проектот се спроведува со највисоко ниво на свесност кон животната средина.
„Босфорот [бреговите] сигурно нема да биде отворен за градба. Неговата историска, природна структура ќе биде зачувана“, додаде министерот, потенцирајќи ја важноста на проектот и за Турција и за светот.
Планираниот канал има за цел да обезбеди олеснување во бродскиот сообраќај помеѓу Црното Море и Мраморното Море, особено движењето на танкерите со нафта, што досега се изведува преку Босфорот.
„Од 1960-тите години шест големи несреќи предизвикаа смрт на 100 луѓе, при кои протекоа 108.000 тони нафта во Босфорот“, рече Курум.
„Со Каналот „Истанбул“, ние ќе го преземеме товарот на Босфорот и ќе го предадеме во наследство на следните генерации на подобар начин“, рече тој, нагласувајќи ја целта на проектот - спречувањето на еколошки опасни инциденти.
Каналот „Истанбул“ е еден од најстратешките мегапроекти на Турција со кој се планира елиминирање на растечкиот ризик што го создаваат бродовите кои превезуваат опасни материи преку Босфорот.
Каналот долг 45 километри, што ќе се гради западно од центарот на градот, на европската страна на областа Истанбул, ќе го зголеми капацитетот на 160 бродови на ден.