Zuhal Demirci
14 Декември 2019•Ажурирај: 16 Декември 2019
ДОХА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, изјави дека санкциите и заканувачката реторика никогаш не даваат резултати, критикувајќи ја постапката на Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат, кој во средата го изгласа законот за одбрана, со кој се повикува на санкции за Турција поради набавката на рускиот противракетен систем S-400, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Соединетите Американски Држави (САД) мора да го разберат тоа. Мислам дека веќе разбираат. Доналд Трамп исто така се спротивставува на санкциите. Но, ако се применат санкциите, Турција ќе мора да одговори на нив. Ние се обидуваме да ги надминеме проблемите без санкции и со меѓусебно разбирање преку дијалог", рече Чавушоглу во обраќањето на 19. Доха Форум во Катар.
На прашањето за односите меѓу Турција и САД, турскиот шеф на дипломатијата истакна дека САД се сојузник на Турција и дека односите со американскиот претседател Трамп се подобруваат.
Тој додаде дека Турција, при донесувањето на одредени одлуки, не бира една од две земји туку има за цел да воспостави одредена рамнотежа, напоменувајќи дека Анкара од Русија купила противракетен систем затоа што таа земја имала прифатлива понуда.
Нагласи дека Турција има добри односи со Русија, но и дека постојат одредени разидувања со Москва по прашањата како Сирија, Крим и Либија.
„На некои полиња не се согласуваме, но сепак работиме заедно на постигнување трајно решение во Сирија“, рече Чавушоглу.
Тој го осуди и усвојувањето на резолуцијата во американскиот Сенат, со која се признаваат ерменските настани од 1915 година како „геноцид“.
„Политичарите со ограничено познавање на историјата не треба да судат за минатите настани. Сенатот донесе ваква одлука поради разочараноста од операцијата на Турција во северна Сирија, но и поради влијанието на ерменското лоби во САД како и на другите лоби групи кои го поддржуваат“, рече Чавушоглу.
На прашањето дали Турција го смени ставот за сирискиот режим на Башар ал Асад, тој изјави дека позицијата на Анкара за ова прашање е многу јасна.
„Веруваме дека некој што убил над 500.000 луѓе не може да ја обедини земјата. Според тоа, во овој момент сметаме дека тамошната власт не е легитимна, но ако се подготви устав за одржување демократски и фер избори, сирискиот народ треба да одлучи за тоа. Сепак, искрено веруваме дека Асад не може да ја обедини земјата по сето она што се случи во последните 10 години“, рече Чавушоглу.
Доха Форумот, кој започна денес и ќе трае до утре, собра околу 250 истакнати светски официјални претставници и говорници од над 100 земји.