Abdula Berisha
09 Октомври 2021•Ажурирај: 11 Октомври 2021
ГАЗИАНТЕП
Музејот на мозаици „Зеугма“ во Газиантеп беше најголемиот музеј на мозаици во светот, сè додека Турција не го изгради Археолошкиот музеј во Хатај пред неколку години, кој сега ја чува најголемата колекција мозаици во светот.
За време на отворањето на проектот „Таш тепелер“ (Камени ридови), истражувачи и новинари од целиот свет, вклучувајќи го и претставништвото на Агенцијата Анадолија во Скопје, имаа можност да го посетат овој музеј и одблизу да ги видат античките уметнички дела.
Музејот на мозаици „Зеугма“ содржи мозаични дела што можат да се рангираат меѓу најдобрите мозаични примероци во светот. Музејот, кој поседува богата колекција мозаици по разновидност на теми и боја, се одликува со многуте ремек-дела изработени со многу голем број тесерски парчиња по квадратен метар, односно мали парчиња што се користат за составување мозаик.

Точниот и детален мозаичен приказ на флората и фауната во регионот, архитектонското разбирање и начин на живот, дури и во тридимензионални модели и техники на високо ниво, ја прави „Зеугма“ еден од најважните мозаични музеи во светот.
Фреските, колоните и мозаиците за да можат да ги видат посетителите се донесени од вилите на богатите аристократи од античкиот град Зеугма.
Овој град се наоѓа на западниот брег на езерото Биречик во Газиантеп. Поради својата поволна геостратешка локација, градот бил важна населба низ вековите.
Градот Зеугма бил изграден околу 300 година пр. н. е. од Селеук I Никатор, еден од најпознатите и најмоќните генерали на Александар Велики. Градот во тоа време бил наречен „Селеукија на Еуфрат“.
Откако бил освоен од Римјаните во 64 година пр. н. е., градот бил преименуван во Зеугма, што значи мост или теснец. Под римска доминација, градот доживеал брзо збогатување благодарение на неговата позиција на Патот на свилата, што ја поврзувала Анадолија со Кина, постигнувајќи економски и културен развој. Градот бил полн со прекрасни градби, украсени со мозаици и фрески со уметничка и естетска вредност, елегантни скулптури и артефакти од секојдневниот живот.
- Музеј со 2.448 квадратни метри мозаици
Во 1987 година, Дирекцијата на музејот во Газиантеп и Дирекцијата на музејот во Малатија соработуваа на серија ископувања во античкиот град Зеугма, кој зафаќаше површина од 20.000 хектари. Потоа, под надзор на Дирекцијата на музејот во Газиантеп беа спроведени нови археолошки ископувања во 2000 година од екипа од 200 членови технички персонал, составен од турски, англиски, француски и италијански истражувачи.
Од 2005 година, ископувањата ги спроведува Универзитетот во Анкара врз основа на декрет на Советот на министри.
Големи делови од градот сега се под вода откако Турција го изгради проектот за браната во регионот во 1990-тите.
Во Музејот на мозаици „Зеугма“ им беа претставени на посетителите 2.448 квадратни метри мозаици, откриени во ископувањата, како една од најбогатите колекции во светот по разновидност.

- „Ромска девојка“ (Gypsy girl)
Најиконскиот дел од музејот „Зеугма“ е мозаикот на девојка која има мистериозен изглед. Таа го има насочено лицето во една насока, а очите во друга насока, што остава впечаток дека портретот гледа во вас од кој било агол да го гледате.
Откако парчињата од мозаикот беа пронајдени за време на ископувањата во 1998 година, тој сè уште е нецелосен и го носи името „Ромска девојка“ (Gypsy girl) по неговата сличност со девојка Ромка. Поради лозовите лисја и гроздовите грозје што се гледаат на мозаикот, фигурата се смета за Менада, која е следбеничка на Дионис, грчкиот бог на виното.
Исто така, бронзената статуа на Марс (Арес), римскиот бог на војната, е едно од најимпресивните дела изложени во Музејот на мозаици „Зеугма“.
Во овој музеј се наоѓаат мозаици од многу грчки и римски богови и херои, како што се: Океанус, богот на морињата; Ерос, богот на љубовта; Психа, божица на душата; Дионис, богот на виното, како и херојот на Тројанската војна, Ахил.