Enes Canlı
30 Септември 2019•Ажурирај: 01 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Голем број меѓународни невладини организации, активисти за заштита на човековите права упатија повик за оддавање почест на саудискиот новинар Џамал Кашоги, кој беше убиен минатата година во саудискиот Конзулат во Истанбул, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch HRW), „Амнести интернешнел“ (Amnesty International AI), Здружението за заштита на новинарите (CPJ), Новинари без граници, Форумот „Shark“, Без правда нема мир и Здружението на турски и арапски медиуми (TAM) во заедничко соопштение најавија дека пред зградата на саудискиот Конзулат во Истанбул ќе биде одржан едноминутен молк во чест на убиениот новинар Кашоги.
Во соопштението се наведува дека едноминутниот молк ќе се одржи пред влезот во зградата во 13:14 часот, времето кога Кашоги на 2 октомври минатата година влезе во зградата во којашто е убиен.
Најавената програма ќе трае еден час, а планирана е и проекција на одредени документарни снимки и обраќање на неколку учесници.
На собирот ќе присуствува и свршеницата на Кашоги, Хатиџе Џенгис, специјалната известувачка на Обединетите нации (ОН), Агнес Каламард, потпретседателот на турската владејачка Партија за правда и развој (AK Parti) и пријателот на Кашоги, Јасин Актај, претседателот на Здружението на турски и арапски медиуми (TAM), Туран Кишлакчи, јеменската нобеловка Тевекул Карман, активистите Ијад ал Багдади и Мухамед Султан и други.
Џамал Кашоги, новинар и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ беше убиен на 2 октомври 2018 година во саудискиот Конзулат во Истанбул.
Деталите за бруталното убиство на саудискиот новинар Кашоги сѐ уште не се расветлени. Турското Обвинителство откри дека тој е брутално задавен по влезот во Конзулатот и дека неговото тело е исечено на парчиња и уништено.
Властите на Саудиска Арабија дополнително признаа дека Кашоги е убиен, а не дека го напуштил Конзулатот, како што првобитно тврдеа. Посмртните останки на Кашоги не се пронајдени.