Sefa Mutlu
20 Август 2019•Ажурирај: 21 Август 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, изјави дека американските претставници се состанале со припадниците на терористичката Марксистичко-ленинистичка комунистичка партија (МЛКП) во Сирија, пред две недели, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Американците пред 14 дена во Сирија разговараа со терористите на МЛКП, со оние кои ги елиминиравме од нашите села, а знаеме и за што“, рече Сојлу во интервјуто за „Хабер Турк“.
Марксистичко-ленинистичката комунистичка партија (МЛКП) е основана во 1994 година, а во 2007 година е ставена на листата активни терористички организации во Турција.
Сојлу напомена и дека заплениле бомба, која синоќа била на патот кон важен центар во Турција, од југоисточната област Шанлиурфа.
Осврнувајќи се на именувањето нови градоначалници во три турски области, кои треба да го заземат местото на разрешените градоначалници, Сојлу рече дека таа одлука е во согласност со законот.
„Именувањето градоначалници на Ван, Дијарбакир и Мардин е законска, а не политичка одлука“, рече турскиот министер.
Поради обвиненија за вмешаност во терористички активности, во понеделникот беа сменети градоначалниците на општините Дијарбакир, Мардин и Ван, Аднан Селчук Мизракли, Ахмет Турк и Бедија Озгокче Ертан.
Сите градоначалници доаѓаат од опозициската Народна демократска партија (ХДП), партија во повеќе наврати обвинета за поврзаност со терористичката организација ПКК.
Испразнетите градоначалнички функции привремено ќе ги извршуваат гувернерите на тие области.