Sertaç Bulur
11 Јуни 2018•Ажурирај: 12 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Турските воздухопловни сили изведоа нови напади врз засолништата на терористите на ПКК во југоисточниот дел на Турција и некои делови на Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералштабот на турската војска соопшти дека најмалку седум вооружени терористи се неутрализирани во нападите изведени во пограничната област Ширнак.
Станува збор за антитерористичка операција во карпестите и непристапни предели на Бестлер-Дерелер, во кои изминатите неколку дена се неутрализирани најмалку 21 терорист.
Во соопштението се наведува и дека турските бомбардери синоќа гаѓале и новооткриени засолништа на ПКК во северноирачкиот регион Хакурк, додавајќи дека во нападот се неутрализирани најмалку двајца терористи.
ПКК е терористичка сепаратистичка организација која се наоѓа на листата терористички групи во Турција, Европската Унија и САД. Во текот на тридецениската терористичка кампања против Турција, терористите на ПКК убија најмалку 40.000 луѓе.
Планините Кандил, Гара, Метина, Авашин-Басјан, Хакурк и Зап се наоѓаат во северниот дел на Ирак, по должината на турско-ирачката граница. Станува збор за подрачје кое важи за колевка на терористичкото движење ПКК.
Турските сили спроведуваат опсежна борба против терористите на ПКК во Турција, северен Ирак и Сирија.
Антитерористичките акции на Турција во пограничните региони на Ирак и Сирија се засноваат врз меѓународното право на самоодбрана и Резолуцијата на Обединетите нации (ОН), која се однесува на борбата против тероризмот.
Акциите се спроведуваат со цел неутрализирање на терористичката закана, а притоа се почитува територијалниот интегритет на соседните земји.