Yeşim Sert Karaaslan
27 Август 2018•Ажурирај: 28 Август 2018
АНКАРА (АА) - Портпаролот на турската владејачка АК Партија, Омер Челик, во врска со барањето на Обединетите нации (ОН) мјанмарските генерали да бидат изведени пред суд поради геноцид, истакна дека обврската на сите институции, пред сè на ОН, е да се расветли кривичното дело, но да не се остане само со вербална осуда, и додаде дека очекуваат итен и ефективен акционен план за спречување на ова кривично дело, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во објава на Твитер Челик напиша дека муслиманите продолжуваат да се соочуваат со систематски масакри пред очите на сите меѓународни институции, и дека тоа што меѓународните институции не формираат механизам за спречување на овие масакри ги охрабрува убијците.
Челик наведе дека Меѓународната независна истражна мисија на Мјанмар, формирана од страна на ОН, го заврши истражувањето кое траеше 18 месеци, и додаде дека во овој извештај јасно е покажано дека е извршен геноцид врз араканските муслимани.
Според него, во извештајот е побарано да се започне истрага против припадниците на мјанмарската Војска за геноцид во северниот дел на Аракан, и за кривични дела и воени злосторства врз човештвото во сојузните држави Качин и Шан, што се наоѓаат во северниот дел на земјата.
„Овој извештај јасно открива дека воените претставници вршеле убиства без да направат некоја разлика, вршеле групно силување на жените, ги напаѓале децата и целосно ги запалиле селата. Исто така, во извештајот со докази се наведува дека во геноцидот извршен врз араканските муслимани во регионот, се забележани сличности со другите геноциди во светот според нивната природа, сериозност и размер“, напиша тој.
„Сè е јасно. Откриено е дека мјанмарските воени претставници вршеле и продолжуваат со вршење геноцид врз араканските муслимани. Обврската на сите институции, пред сè на ОН, е да се расветли кривичното дело, и да не се остане само со вербална осуда. Треба да видиме итен и ефективен акционен план за тоа како можеме да го спречиме ова кривично дело. Овој геноцид веќе една година се извршува, и една година ништо не е направено за да се спречи. Секој сака да ги види чекорите што ќе се направат во насока на итно спречување на ова кривично дело“, додаде Омер Челик, портпарол на АК Партијата.