Kübra Kara
16 Јуни 2021•Ажурирај: 17 Јуни 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Луѓето кои страдаат од хронични здравствени состојби, како што се срцевите заболувања, дијабетесот и крвниот притисок, треба да го избегнуваат вежбањето како прва активност наутро, порачува турски кардиохирург, јавува Агенција Анадолија (АА).
„За оние кои патат од срцеви заболувања, дијабетес и висок крвен притисок, спортот не треба да биде првото нешто што треба да го прават веднаш штом ќе се разбудат“, истакна д-р Џенгиз Коксал, раководител на Одделот за кардиоваскуларна хирургија на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Безмиалем Вакиф“ во Истанбул.
Доктор Коксал нагласува дека првите три часа по будењето носат ризик и дека луѓето треба да го распоредат вежбањето имајќи го ова предвид.
„Лицата со дијабетес кои вежбаат пред појадок можат да си предизвикаат хипогликемија (низок шеќер во крвта), додека кај луѓето со висок крвен притисок, со срцеви палпитации или срцеви заболувања кои вежбаат рано наутро постои ризик да си предизвикаат формирање на тромб, па дури и срцев удар“, предупреди турскиот кардиохирург.
Истакнувајќи дека луѓето со овие состојби треба да почекаат со вежбањето, доктор Коксал потенцира дека бавното темпо на џогирање или брзото одење помалку од 45 минути се вежби пријатели на срцето.