Diyar Güldoğan
16 Декември 2016•Ажурирај: 16 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Според кабинетот на турскиот претседател, турскиот и рускиот премиер доцна синоќа телефонски разговарале за ситуацијата во сирискиот град Алепо, јавува Anadolu Agency (AA).
„Бинали Јилдирим го повика својот колега Дмитри Медведев да го употреби влијанието на Русија врз своите партнери во Алепо“, изјави изворот кој зборуваше под услов на анонимност.
Јилдирим изјави дека евакуацијата од Алепо треба да се спроведе без да им се наштети на цивилите.
Тој исто така го информираше Медведев за мерките што се преземени од страна на Турција во врска со евакуација на цивилите и за подобрување на хуманитарната ситуација.
Медведев изјави дека Русија ќе продолжи да го поддржува процесот на евакуација и прекинот на огнот во Алепо.
Тој додаде дека двете страни во Сирија треба да бидат охрабрени за да се постигне политичко решение.
Изворот вели дека премиерите исто така дискутирале за билатералните односи, особено за секторите енергетика и трговија.
Според договорот меѓу режимот на Асад и сириските опозициски групи, цивилите евакуирани од источен Алепо ќе продолжат да се движат кон Идлиб, кој се наоѓа во близина на границата со Турција.
Според турскиот вицепремиер, Вејси Кајнак, првата група евакуирани лица од Алепо пристигна вчера до безбедната зона контролирана од опозицијата во Сирија.
Насилството ексалираше во понеделникот во Алепо, кога силите на режимот напредуваа во деловите што се под контрола на опозицијата во источниот дел на градот кој пет месеци е под опсада и постојани воздушни бомбардирања.
Се верува дека околу 80.000 цивили се заробени во овие области.
Режимот поддржан од Русија се обидува да воспостави контрола над деловите во Алепо што четири години ги држеа вооружените опозициски групи.
Сирија е заробена во жестока војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал-Асад презеде мерки со неочекувана свирепост против продемократските протести.
Оттогаш, според ОН, повеќе од 250.000 лица се убиени, а над 10 милиони се раселени.