Burak Bir
02 Февруари 2022•Ажурирај: 03 Февруари 2022
АНКАРА (АА) - Турските воздухопловни сили извршија напади врз позиции на терористичката организација ЈПГ/ПКК во северниот дел на Ирак и делови од северна Сирија, соопшти турското Министерство за национална одбрана, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството во соопштението објави дека операцијата „Зимски орел“ е спроведена против терористички позиции во регионите Дерик, Синџар и Карачак кои се користат како бази на терористите.
За време на операцијата, цел биле пештери, засолништа, скривалишта и складишта за муниција.
„Операцијата „Зимски орел“ беше започната во согласност со меѓународното право, член 51 од Повелбата на ОН и резолуциите на Советот за безбедност на ОН за борба против тероризмот“, додава Министерството.
Оттаму се нагласува дека напорите за борба против тероризмот за безбедноста на земјата и нацијата решително ќе продолжат до неутрализирање на последниот терорист.
Осврнувајќи се на операцијата, шефот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, на Твитер напиша дека стратегијата на земјата за искоренување на тероризмот од изворот има голем придонес за безбедноста на границите, територијалниот интегритет и националното единство.
Од 2016 година Анкара реализира три успешни прекугранични антитерористички операции во Сирија за да превенира формирање терористички коридор и да овозможи мирна средина за жителите. Тоа се операциите „Штитот на Еуфрат“ (2016), „Маслинова гранка“ (2018) и „Извор на мирот“ (2019).
Во терористичката кампања против Турција, што трае повеќе од 35 години, терористичката организација ПКК, која е на листата на терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија, одговорна е за смртта на најмалку 40.000 луѓе, жени, деца и доенчиња. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.