Erhan Cihan Ünal
15 Декември 2019•Ажурирај: 17 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Во Турција оваа година во морските води пуштени се речиси 540.000 младенчиња на морска желка, со цел зачувување на видот, јавува Агенција Анадолија (AA).
Според податоците на турското Министерство за земјоделство и шумарство, оваа година во морето се пуштени точно 537.424 младенчиња на морска желка, како дел од проектот на Агенцијата за заштита на природата и националните паркови, турските универзитети и разни здруженија и организации.
Во рамките на меѓународните договори за заштита на дивината, животната средина и Средоземното Море, во Турција секоја година во море се пуштаат илјадници младенчиња на морска желка.
Во Турција моментално има 21 плажа за гнездење на морските желки, а на 14 од нив истражувачи и волонтери редовно вршат надзор над младенчињата кои подоцна ги пуштаат во морето.
Морските желки се едни од најстарите организми на Земјата. Пливаат во морињата и океаните веќе 150 милиони години.
Тие се едни од најатрактивните, но и најчувствителните морски ’рбетници. Луѓето со години ги загрозуваа користејќи ги нивните јајца и месо како храна, а оклопот за изработка на накит.
Нивното опстанување на Земјата денес е сериозно загрозено поради загадувањето, уништувањето на плажите на кои се гнездат, рибарството и туризмот. Сите видови морски желки се загрозени на глобално ниво, а некои од нив имаат статус и на критично загрозени.