Ekipa
17 Мај 2017•Ажурирај: 17 Мај 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Кривичниот суд во Истанбул го прифати обвинението предложено од обвинителството во Истанбул за Абдулгадир Машарипов, кој на новогодишната ноќ изведе терористички напад врз ноќен клуб во Ортакој во Истанбул, при што загинаа 39 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Првото рочиште во овој случај е закажано за 11 декември оваа година, а од безбедносни причини тоа ќе се одржи во затворот Силиври во Истанбул, каде што е притворен Машарипов.
Обвинителството ја заврши истрагата за терористичкиот напад во ноќниот клуб Реина и покрена обвинение на 90 страници против 57 осомничени лица, од кои 51 уапсени, меѓу кои се наоѓа и Машарипов, кое судот во Истанбул го прифати.
Обвинителството бара 40 доживотни казни и казна затвор до 2.397 години за Абдулгадир Машарипов, кој го изведе нападот на клубот Реина на новогодишната ноќ.
За Машарипов се побарани 40 доживотни затворски казни за секоја жртва и за кривичното дело „обид за отстранување на уставниот поредок“. Побарана е и затворска казна од седум до 15 години за „членување во терористичка организација“, потоа казна меѓу 1.540 и 2.370 години за „обид за убиство“ на 79 повредени лица и меѓу седум и пол и 12 години затвор за „кршење на законот за огнено оружје“.
За организаторите на нападот Илјас Мамашарипов, Абдурауф Серта, Али Џамил Мохамед и сопругата на Машарипов, Зарина Нурулајева побарани се 40 доживотни затворски казни, од седум и пол до 15 години затвор за „членување во терористичка организација“, како и помеѓу 1.540 и 2.370 години затвор за „обид за убиство“ на 79 повредени во нападот.
Во обвинението чии делови се однесуваат нао 22 други случаи, што терористичката организација ДЕАШ ги изврши во Турција, се наоѓаат информации за споменатата терористичка организација. Наведени се и информации за интернет страниците и медиумите кои ги користела организацијата.
Во терористичкиот напад во новогодишната ноќ во клубот Реина загинаа 39 лица, а неколку десетици беа повредени.
Aбдулгадир Машарипов, кој призна дека е член на терористичката организација ДЕАШ, беше и на потерница во Узбекистан, од каде што потекнува.
Во обвинението се бара и доживотна казна и казна затвор во траење од седум до 15 години за Јасер Мохамед Салем Радовна за „обид за отстранување на уставниот поредок“.