Ekipa
30 Септември 2019•Ажурирај: 01 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Советот за национална безбедност на Турција соопшти дека операцијата „Канџа“ во северен Ирак ќе продолжи сè додека не биде елиминиран и последниот терорист на тоа подрачје, јавува Anadolu Agency (AA).
Операцијата „Канџа“ беше започната на 27 мај со цел борба против терористичката организација ПКК.
Советот за национална безбедност одржа состанок во Анкара, со кој претседаваше турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а по состанокот, меѓу другото, беше соопштено дека Турција ќе ги продолжи активностите во Источниот Медитеран во согласност со договорот со кипарските Турци.
Осудувајќи ги унилатералните активности на администрацијата на јужниот дел на Кипар, Турција веќе подолг период нагласува дека Турската Република Северен Кипар има право на експлоатација на ресурсите во Источниот Медитеран. Пролетта, Турција во тој регион испрати два специјални брода за дупчење во морскиот простор.
На состанокот на Советот за национална безбедност, исто така, се нагласено дека Турција дополнително ќе ги интензивира напорите со цел реализација на проектот за формирање на безбедносна зона во Сирија.
Турските и американските воени претставници на 7 август постигнаа договор дека безбедносната зона во северна Сирија ќе служи како коридор на мирот за раселените Сиријци кои сакаат да се вратат дома. За таа цел, во Турција беше формиран заеднички оперативен центар.
„Ова на крајот ќе им помогне на бегалците од Сирија што поскоро да се вратат во своите домови“, се наведува во соопштението на турскиот Совет за национална безбедност.
Се додава дека Турција силно го поддржува политичкото решение во Сирија кое би било во согласност со новиот Устав, напоменувајќи дека официјална Анкара го почитува територијалниот интегритет и политичкото единство на таа земја.
На крајот се додава дека во, но и надвор од земјата, ќе продолжи одлучната борба на Турција против сите терористички организации како што се ПКК/ПЈД-ЈПГ, ФЕТО и ДЕАШ.