Muhammet Tarhan,Sümeyye Dilara Dinçer
04 Октомври 2023•Ажурирај: 06 Октомври 2023
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Туркије, Хакан Фидан, денес изјави дека е утврдено оти двајцата учесници во неделниот терористички напад во Анкара пристигнале од Сирија, јавува Анадолу.
Фидан во Анкара се состана со министерот за надворешни работи на Турската Република Северен Кипар (ТРСК), Тахсин Ертугрулоглу. На прес-конференцијата по средбата, Фидан се осврна на неделниот терористички напад во близина на зградата на Министерството за внатрешни работи во Анкара, главниот град на Туркије, во кој беа ранети двајца припадници на турските безбедносни сили.
„Како резултат на работата на нашите разузнавачки и безбедносни сили стана јасно дека двајца терористи пристигнале од Сирија, каде што се обучувани“, рече Фидан и додаде:
„Сите инфраструктурни и енергетски објекти што им припаѓаат на ПКК/ЈПГ, особено оние во Ирак и Сирија, отсега се легитимни цели на нашите безбедносни сили, вооружените сили и разузнавачката служба. На третите страни им препорачуваме да се држат понастрана од објектите и поединците на ПКК/ЈПГ.“
Нагласувајќи дека одговорот на Турските вооружени сили на терористичкиот напад во Анкара „ќе биде јасен“, Фидан рече дека „уште еднаш ќе зажалат што сториле такво дело“.