Tuğrul Çam,Nazlı Yüzbaşıoğlu
28 Август 2019•Ажурирај: 29 Август 2019
ТАЛИН (AA) - Турскиот шеф на дипломатијата Мевлут Чавушоглу изјави дека Турција ќе побара алтернатива во случај да не успее да ги купи американските бомбардери F-35, јавува Anadolu Agency (AA).
„Нам ни треба воен авион. Поради тоа, доколку не ги добиеме авионите F-35, ќе побараме алтернатива", рече Чавушоглу пред новинарите по состанокот со министерот за надворешни работи на Естонија, Урмас Реинсаул во Талин.
Потсети дека Турција од Соединетите Американски Држави (САД) се обиде да го купи системот за противвоздушна одбрана, но дека во тоа не успеала.
„Беше тоа неопходна потреба и моравме да купиме S-400. Ние и понатаму сме партнери во програмата F-35. Денес САД сепак прави одредени проблеми, но ние и понатаму сме дел од оваа програма во која учествуваат девет партнери. Турција произведува некои делови за F-35. Сакаме да купиме воени авиони F-35 и за тоа плативме 1,4 милијарди долари", рече Чавушоглу.
Истакна дека вчера заедно со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган го посети саемот за воздухопловство во Москва каде имаа можност да го видат и рускиот борбен авион Су-57 и некои други производи.
Додаде дека неговата земја има многу добри односи не само со Русија туку и со други земји како што се Украина и Естонија.
„Она што се обидувам да го кажам е дека нашите односи со Русија не се алтернатива за нашите односи со Украина. Нашите односи со Русија или со било која друга држава не се алтернатива на нашето членство во НАТО, ниту на нашата солидарност во рамките на НАТО сојузот или нашите односи со Европската унија или односите со Западот, генерално", рече Чавушоглу.
Ги пофали односите на Турција со Естонија и истакна дека оваа земја за Турција не е само сојузник во рамките на НАТО туку и веродостоен партнер, напоменувајќи дека претставниците на двете земји напорно работат на зголемување на меѓусебната трговска размена.
На прашањето за односите на Турција и Русија, Чавушоглу истакна дека присуството на Русија во регионот е „реалност", напоменувајќи дека неговата земја има одлични економски врски со Москва.