Faruk Zorlu
23 Ноември 2018•Ажурирај: 24 Ноември 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денес изјави дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган може да се состане со саудискиот принц Мухамед бин Салман, доколку тој го побара тоа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу за телевизискиот канал „Си-ен-ен турк“ (CNN Turk) изјави дека по убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги минатиот месец, Мухамед бин Салман (кој присуствува на самитот Г20 во Аргентина), изразил волја да се состане со Ердоган и претходно самиот преку телефонски разговор со турскиот претседател му кажал за ова.
„Не постои причина да не се состане со Бин Салман. Секако, тоа е на нашиот претседател“, изјави Чавушоглу.
Колумнистот на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post) е убиен на 2 октомври во објектот на саудискиот Конзулат во Истанбул. Турското Обвинителство откри дека Кашоги е задавен веднаш по влегувањето во Конзулатот, и дека неговото тело е исечено на парчиња и уништено.
Властите на Саудиска Арабија подоцна признаа дека Кашоги е убиен, и дека не го напуштил Конзулатот, како што првично тврдеа.
На прашањето во врска со контроверзната изјава на Трамп за убиството на Кашоги, кој рече дека „можеби светот треба да се смета за одговорен“, Чавушоглу изјави дека тоа значи „да се замижи пред сето тоа што се случило“.
„Тоа не е вистинскиот пристап. Парите не се сè... Не треба да ги напуштиме нашите човечки вредности“, изјави турскиот министер за надворешни работи.
- Необврзувачка одлука на судот на ЕУ -
Чавушоглу додаде дека Турција се противи на неодамнешната необврзувачка одлука на Европскиот суд за човекови права (ECHR), со која се бара ослободување на поранешниот копретседател на Народната демократска партија (HDP), Селахатин Демирташ.
Во ноември 2016 година, Демирташ заедно со 12 пратеници на ХДП беа уапсени под обвиненија за тероризам. Демирташ е во притвор и чека судење.
Околу десетина пратеници на ХДП во моментов се наоѓаат во затвор, во очекување на судењето за прекршоци поврзани со тероризам, откако нивниот парламентарен имунитет беше укинат во мај 2016 година.
Турската Влада соопшти дека ХДП имала врски со ПКК, која е наведена како терористичка организација од страна на Турција, САД и ЕУ.
- „Мапата на патот за Мунбиџ“-
„Во меѓувреме постои доцнење на Турција и САД во врска со мапата на патот за Мунбиџ“, изјави Чавушоглу додавајќи: „Ова мора да се заврши до крајот на годината“.
Чавушоглу изјави дека САД ѝ помагаат на терористичката група ЈПГ на северот на Сирија и изјави дека кој и да ги поддржува нив, претставува закана за Турција.
Турските и американските трупи на 1 ноември започнаа со заеднички патроли во Мунбиџ, североисточно од Гувернатот на Алепо во Сирија, како дел од договорот кој се фокусира на повлекувањето на терористите на ПКК/ЈПГ од градот, со цел стабилизација на регионот.
ЈПГ е сириски огранок на ПКК, терористичка група која се наоѓа на листата терористички групи на Турција, САД и ЕУ и која за време на својата 30-децениска терористичка кампања има одземено околу 40.000 животи.
САД ги смета ЈПГ/ПКК за „сојузник“ во борбата против ДЕАШ, и покрај спротивставувањата на Турција дека не може да се користи една терористичка група против друга.
Турција постојано ги наведува доказите дека ЈПГ не се разликува од ПКК.