Diyar Güldoğan
20 Декември 2018•Ажурирај: 20 Декември 2018
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, синоќа разговараше со американскиот колега Мајк Помпео, откако властите на Соединетите Американски Држави (САД) најавија повлекување на американската војска од Сирија, пренесува Anadolu Аgency (AA).
Чавушоглу и Помпео разговараа телефонски откако американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека е извојувана победа над терористичката организација ДЕАШ и сугерираше дека следува повлекување на американските сили од Сирија.
„Ја поразивме ДЕАШ, тоа беше нашата единствена причина за присуството во Сирија“, порача Трамп на Твитер.
Околу 2.000 американски војници се ангажирани во североисточниот дел на Сирија.
Од Белата куќа е потврдена најавата за повлекување на американските сили од Сирија, со напомена дека тоа не е крај на коалицијата за борба против глобалниот тероризам.
Не е прецизирано кога американските сили ќе се повлечат од Сирија. Медиумите јавуваат дека американскиот дипломатски персонал ќе ја напушти Сирија во рок од два дена, а војската во рок од два или три месеци.