Zuhal Demirci
30 Јуни 2020•Ажурирај: 30 Јуни 2020
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, преку видеоконференциска врска учествуваше на конференцијата насловена „Поддршка за иднината на Сирија и регионот“, организирана заеднички од Европската Унија (ЕУ) и Обединетите нации (ОН).
Во својот говор на конференцијата, Чавушоглу истакна дека ситуацијата на Сиријците се влошува поради новиот вид коронавирус и дека можни се нови бранови на нередовни миграции.
„Никој од нас не е ослободен од потешкотиите кои поради нередовните миграции и протокот на бегалци“, рече Чавушоглу, додавајќи дека соседните земји го носат товарот повеќе од која било земја.
Истакнувајќи дека и покрај сите недостатоци, Турција продолжува да ги задоволува потребите на Сиријците, Чавушоглу рече: „Ние не правиме разлика помеѓу Сиријците и нашите граѓани. Сепак епидемијата влијае на работата, егзистенцијата и образованието на Сиријците. Затоа, поддршката на оваа платформа сега е уште покритична.“
Чавушоглу рече дека продолжувањето на финансиската поддршка за Сиријците е од суштинско значење. „Обезбедувањето на засолниште и решение за сместување во трети земји се неопходни за да се обезбедат нови можности за најранливите бегалци.“
Тој истакна дека минатата недела и високиот комесар за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) потсетил на значењето од изнаоѓањето засолниш за бегалците.
„И покрај ваквата ситуација, бројот на Сиријци од Турција што се населиле во Европската Унија (ЕУ) сѐ уште е мал. Поголемото учество на ЕУ е од суштинско значење.“
Од друга страна, Чавушоглу рече дека мнозинството Сиријци сакаат да се вратат во својата земја доколку се обезбедат услови за тоа.
„Благодарение на турските антитерористички операции, повеќе од 400.000 Сиријци доброволно и безбедно се вратија во северна Сирија“, нагласи турскиот министер за надворешни работи.
- „Турција продолжува со меѓународните напори за унапредување на политичкиот процес“ -
Министерот Чавушоглу на конференцијата потенцираше дека одлуката бр. 2254 на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) е единствениот пат за сеопфатни политички промени во Сирија.
„Трајното политичко решение [во Сирија] е единствениот начин да се стави крај на страдањето на Сиријците. Одлуката бр. 2254 на Советот за безбедност на ОН е единствениот пат за сеопфатни политички промени. Турција, во координација со ОН и другите две земји гаранти од процесот Астана, продолжува да ги води меѓународните напори за унапредување на политичкиот процес. Почнавме да го намалуваме насилството низ цела Сирија и да градиме доверба меѓу страните во Сирија“, рече Чавушоглу.
Укажувајќи на потребата за заштита на примирјето во Идлиб, потпишано помеѓу Турција и Русија на 5 март, рече дека тоа е од витално значење за политичките напори.
- „ЈПГ/ПКК има за цел да го замолчи легитимното курдско политичко присуство во политичкиот процес“ -
Турскиот министер потсети дека вистинската закана за територијалниот интегритет на Сирија произлегува од постојаното јакнење на терористичката организација ЈПГ/ПКК.
„ЈПГ/ПКК има за цел да го замолчи легитимното курдско политичко присуство во политичкиот процес“, додаде Чавушоглу.
Наведе дека Турција ја осудува поддршката за терористичката организација ЈПГ/ПКК на некои земји, вклучувајќи ги и сојузниците на Турција. „Тоа е бескорисен напор. Турција никогаш нема да го дозволи тоа.“
Посочувајќи дека вистинската желба на Турција е да се заштити политичкото единство и територијалниот интегритет и стабилноста на Сирија, Чавушоглу рече дека за тоа Турција е подготвена да работи заедно со меѓународната заедница, особено со Европската Унија (ЕУ).