Muhammed Ali Toruntay
28 Октомври 2020•Ажурирај: 28 Октомври 2020
АНКАРА (АА) - Портпаролот на Партијата за правда и развој (АК партија), Омер Челик, изјави дека она што се објавува во изданијата на францускиот магазин „Шарли Ебдо“ не е слобода на мислата, туку непријателство кон верувањето, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Овој менталитет ја достигна точката која создава одбивност“, нагласи Челик.
Портпаролот Челик на својот твитер-профил објави изјава во врска со карикатурата на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, што списанието „Шарли Ебдо“ ја објави на својата насловна страница.
Подвлекувајќи дека француското списание станало центар на производство на омраза, Челик напиша: „Најостро ги осудуваме неморалните публикации за нашиот претседател. Ваквиот концепт на објавување не претставува слобода на мислата, туку непријателство кон верувањето. Овој менталитет ја достигна точката која создава одбивност.“
Посочи дека публикациите на „Шарли Ебдо“, кои создаваат омраза кон верувањето и личните права, во никој случај не претставуваат слобода на мислата.
„Станува збор за варварство што се обидува да ја задуши слободата на мислата со непријателство кон верувањето. Гледаме дека се шири фронтот на варварството. Решени сме да се бориме против сиот тој непријателски фронт. Знаеме зошто овој фронт на непријателство ја нападна нашата вера и создава политика на омраза кон нашиот претседател. Тие се непријатели на вредностите за кои се бориме. Затоа ние сме решени да се бориме против таквиот менталитет.
Нашиот претседател решително продолжува да гради пат за угнетените против сиот тој фронт на омраза. Фронтот на омраза нема да може да победи ниту на теренот ниту на преговарачката маса. Нивните објави на омраза само ја зголемуваат нашата решителност. Истрајниот став на нашиот претседател ќе продолжи да го совладува лицемерниот неморал на овој фронт на омраза и на преговарачката маса и на теренот. Секој со здрав разум и почит кон верувањето треба да ги осуди овие објави на омраза против нашиот претседател.“