Zehra Aydın
25 Јануари 2018•Ажурирај: 25 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, денес изјави дека за Соединетите Американски Држави (САД) е крајно самопонижувачко тоа што во регионот соработува со терористичката организација ПЈД/ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
„Неприфатливо и далеку од разумно е однесувањето на една држава која со години соработува со Турција, која е сојузник во НАТО, сега да соработува и отворено да поддржува терористички формации кои ги напаѓаат надворешните граници ја НАТО”, порача премиерот Јилдирим за време на обраќањето на церемонијата за воспоставување на единствена турска платформа за плаќање со картичка.
Јилдирим се осврна на воената операција „Маслинова гранка“, која турските сили од саботата ја спроведуваат со цел неутрализирање на терористите на ПЈД/ПКК и ДЕАШ во пограничното подрачје на сирискиот град Африн. „Операцијата оди според планот и досега се неутрализирани над 300 терористи“, изјави Јилдирим.
Шефот на турската влада порача дека турските сили ќе ја продолжат одлучната борба сè до целосна неутрализација на терористичката закана долж јужната граница со Сирија и Ирак. Турските сили и Слободната сириска војска на 6. ден од операцијата „Маслинова гранка“ напредуваат кон центарот на Африн од север, запад и северозапад, а досега ослободија најмалку 14 точки.
Операцијата во Африн е започната во рамките на правото на Турција засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014). Турција се повикува и на член 51 од Договорот на ОН, односно на Правото на самоодбрана.
Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија. Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, во јули 2012 година, без судири ја предадоа контролата врз Африн на терористите на ПЈД/ПКК. Тој стана еден од главните центри на оваа терористичка организација.
Терористите на ПЈД/ПКК моментно под окупација држат 65 отсто од сириско-турската граница, а во Африн се наоѓаат меѓу 8 000 и 10 000 терористи. ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК која е на листата терористички групи во Турција, САД и Европската Унија. Од средината на 1980-тите години, ПКК води терористичка кампања против Турција.