Dr. Emir Suljagic
26 Февруари 2021•Ажурирај: 01 Март 2021
СРЕБРЕНИЦА
- Д-р Емир Суљагиќ
Филмот „Каде одиш, Аида?“ (Quo Vadis, Aida?) од Босна и Херцеговина на 9 февруари влезе во потесниот избор за најдобар филм на странски јазик на Американската академија на филмските уметности и науки. Станува збор за филм за Сребреница, попрецизно за настаните во поширокиот наратив, кои се одиграа во Сребреница помеѓу 11 и 13 јули 1995 година. Филмското дело се одвива во поранешната Фабрика за акумулатори во Поточари, каде што база имаа членови на холандскиот баталјон од Мировните трупи на Обединетите нации (Dutchbat). Филмот ја преиспитува улогата на холандските војници во тој настан кој доведе до тоа повеќе од 2.000 машки лица и момчиња под нивна заштита да завршат во заложништво на трупите на босанските Срби, а потоа да бидат убиени во геноцидот извршен против бошњачкото население во источна Босна.
Главниот фокус на филмот е на настаните кои се одиграа во рамките на холандскиот комплекс, каде што илјадници бегалци од Сребреница побараа засолниште, вклучувајќи и некои членови на семејствата на припадниците на холандскиот баталјон на ОН и персоналот на холандскиот баталјон. Тоа е приказна за предавството и бруталноста, приказна која можеше да му се случи на секого од нас. Приказната донекаде е заснована на животот на Хасан Нухановиќ, човек кого го познавам и длабоко почитувам, но станува збор за фикција која се држи до рамките на фактите на настаните и ја објаснува пошироката слика на геноцидот извршен по налог на Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, кои издржуваат казни за злосторствата.
Премиерата на филмот во Босна и Херцеговина е одржана во Меморијалниот центар „Сребреница“, со повеќе десетици преживеани во публиката. Од тој момент, онлајн армија на српски националисти се мобилизира во локалната операција која имаше за цел да го намали рејтингот на филмот на ИМДб (IMDb). И покрај нивните обиди, филмот сепак ќе биде дел од начините преку кои нашето потомство ќе учи за Сребреница.
Речиси во исто време кога „Каде одиш, Аида?“ (Quo Vadis, Aida?) влезе во потесниот избор за Оскар, Владата на Холандија одлучи да додели награди од по 5.000 евра на сите припадници на баталјонот кои беа во Сребреница во јули 1995 година, како „гест на благодарност“ за нивните преживеани трауми. Општеството во Холандија ги стави своите мировници во центарот на националниот наратив на настаните во Сребреница, што донекаде е разбирливо, но го исклучува многу поголемиот дел од сликата. Постои поголема приказна која мора да биде раскажана: нашата приказна. Досега, приказната за Сребреница е раскажувана во судови, ја раскажуваа неколку академици (некои добронамерни, но и оние злонамерни), како и во медиумите. Ние, кои го преживеавме геноцидот, само што почнавме да ја раскажуваме нашата приказна.
Нашата приказна е приказна за илјадници машки лица кои им се предадени на Србите за да бидат убиени, додека холандските војници се поставени да ги штитат со скрстени раце. Тоа е приказна за илјадници машки лица кои пешки се обидоа да дојдат до сигурност, а кои беа фатени и убиени. Тоа е приказна за десетици илјадници жени и деца кои се присилно депортирани. Приказна за три години глад, страдање и страв од животот под опсада. Приказна за предавство на меѓународната заедница која вети дека ќе нѐ штити, а која додека нѐ убиваа, само го сврте погледот. Во рамките на оваа приказна холандскиот баталјон е само невкусна фуснота. Сѐ додека и понатаму ги поставувааат холандските војници во центарот на својот наратив за Сребреница, холандското општество, а особено холандската Влада, се во дослух со ревизионистичките сили кои се обидуваат да ја прикријат човечката цена на геноцидот во Сребреница и да ја ограничат нашата приказна на периферните маргини од европската историја
Нам не ни е потребен никој да ја раскажува нашата приказна. Ние бираме како, кога и кому да ја раскажеме. Кога сте преживеале, некогаш е тешко да се „разделите“ од сопственото искуство.
Моментот кога раскажуваш или пишуваш за тоа, тоа веќе не ти припаѓа само тебе, туку станува дел од поширокото знаење. Сепак, за да осигураме дека нашето општество памети, неопходно е тоа да се направи. Во таа смисла, „Каде одиш, Аида?“ е филм кој ја испиша историјата со самото тоа што е снимен. Како прв, се надевам, од многу филмови кои ќе бидат снимени за Сребреница, „Аида“ говори во името на нашата генерација - генерација која повеќе е мртва отколку жива.
[Авторот Д-р Емир Суљагиќ е директор на Меморијалниот центар „Сребреница“. Тој е хонорарен предавач на Одделот за меѓународни односи на Интернационалниот универзитет во Сараево и е автор на две книги: „Етничко чистење: политика и насилство - српската кампања на етничко чистење во поранешна Југославија“ и „Разгледница од гроб“]
*Мислењата изразени во овој текст се авторски и не ја одразуваат нужно уредничката политика на Агенција Анадолија (АА)