Zülfiya Yakup
08 Август 2018•Ажурирај: 09 Август 2018
ПРИШТИНА (AA) – Претседателот на Косово, Хашим Тачи, денеска изјави дека Косово ќе ги изврши сите обврски преземени со Бриселскиот договор, што подразбира дека Заедницата на општини со српско мнозинство ќе биде формирана во согласност со Уставот и законите на Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Тачи, на уште една во низата конференции за новинарите, најпрвин им се заблагодари на домашните и меѓународните безбедносни механизми и политички актери, на посветеноста, минатиот викенд, и покрај лажните инфрмации, да помине без какви било инциденти.
Тачи порача и дека Косово ќе ги исполни сите свои обврски преземени со Бриселскиот договор од 2013 година и со дополнителниот Договор од 2015 година за формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово.
„Во овие рамки е формирањето на Заедницата на општините со српско мнозинство на Косово, со почитување на Уставниот суд на Косово, почитување на Бриселскиот договор, почитување на европските критериуми и стандардите на локалната власт, како и на реалноста создадена со одлуката на Уставниот суд на Косово“, рече Тачи.
Тој нагласи дека главна тема останува дијалогот за нормализација на односите помеѓу Косово и Србија, како и можната опција за постигнување конечен, мировен договор.
„Јас сум посветен на постигнување договор, и во рамките на тие напори, предложив, по барањето на претставниците на Прешево, Медвеѓе и Бујановац, корекција на границите со Србија, како една можност да се озаконат политичките и историските барања на Албанците од Прешево, Медвеѓа и Бујановац, да се припојат на Косово. Тоа значи, не поделба на Косово, не размена на територии и не автономија за Србите, туку корекција на границите и двострано признавање и зачленување на Косово во сите меѓународни механизми“, рече Тачи.
Според неговите зборови, тој барањето ќе го претстави во Брисел, иако тоа нема да биде лесно. Истакна дека времето на војни помина и дека корекцијата на границите може да се случи само со согласност на двете страни.
Додаде и дека анкетите кои ги поседува, покажуваат дека 91 отсто од граѓаните на Косово го поддржуваат припојувањето на Прешевската Долина кон Косово, додека од албанските граѓани на Прешево, Медвеѓе и Бујановац, 98 отсто се за припојување кон Косово, и дека политиката треба само да ја испочитува волјата на граѓаните.
Исто така, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека предлогот за корекција на границите не значи создавање етнички граници, бидејќи Косово и понатаму би останало мултиетничка држава.