Admir Fazlagic
02 Ноември 2018•Ажурирај: 03 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, заедно со делегација од Министерството и Армијата на Република Македонија денеска имаше работен состанок со делегација од Министерството за косовските безбедносни сили, предводена од министерот Рустем Бериша, која е во кратка работна посета на Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти Министерството за одбрана на Македонија, министрите Шекеринска и Бериша изразија задоволство од одличните билатерални односи, како и од успешната одбранбена соработка помеѓу двете земји.
„Македонија постави еден нов стандард кога станува збор за добрососедските односи и меѓусебната поддршка во регионот. Покажавме дека не само што сакаме да одиме кон Европа, туку имаме капацитет и волја европскиот начин на однесување, и покрај сите предизвици, да го донесеме на Балканот. Тоа е видливо и за нашите европски и евроатлантски партнери, поради што Македонија денеска е земја со покана за членство во Алијансата, што има позитивно влијание на регионот“, рече министерката Шекеринска на средбата и додаде дека евроатлантската перспектива за земјите е од големо значење за стабилноста на целиот регион.
Шекеринска го запозна косовскиот колега со обврските за Македонија во актуелната фаза од пристапување кон НАТО – пристапните разговори, и рече дека Македонија е подготвена да ги сподели своите искуства со земјите од Западниот Балкан чија цел е интеграција во НАТО.
Во однос на соработката, министерката Шекеринска посочи дека нејзина круна е школувањето на питомци од Косово на Воената академија во Скопје.
„Македонија и во иднина ќе продолжи да школува питомци за потребите на Косовските безбедносни сили, а ми причинува задоволство фактот што и Косово има сериозен интерес овој процес да продолжи“, рече министерката.
Косовскиот министер се заблагодари на соработката во одбраната со Македонија и се заложи за нејзино зајакнување. Министерот Бериша ја поздрави посветеноста на Македонија на интеграцијата во НАТО и ЕУ и рече дека членството на Македонија во НАТО ќе има позитивно влијание на безбедноста во регионот.
„Соработката меѓу Македонија и Косово како соседски земји води кон одржлив мир и стабилност во регионот“, рече Бериша. Воедно, тој информираше за плановите и предизвиците со кои во моментов се соочува Косово во политичка и безбедносна смисла.
Министерката Шекеринска рече дека Македонија ќе ја збогати соработката со Косово и ќе продолжи да го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина под медијаторство на Европската Унија.
Таа се согласи дека билатералната соработка меѓу земјите во регионот е начин да се унапреди безбедноста и стабилноста во регионот и изрази надеж дека регионалните предизвици, преговори и отворени прашања, ќе се затворат на начин кој ќе биде во интерес на напредокот на целиот регион.
Македонија и Косово во областа на одбраната и безбедноста соработуваат од 2010 година, кога беше потпишан и Меморандумот за соработка, кој опфаќа области како безбедносната и одбранбена политика, медицинската обука, военото образование и стручното усовршување.