Vesna Besiç
08 Јули 2019•Ажурирај: 09 Јули 2019
САРАЕВО (АА) - ВЕСНА БЕШИЌ -
Луди де Вос, командант на Вториот баталјон на холандските сили во Обединетите нации (ОН), коишто во 1990-те години беа во мисија во Сребреница, по 25 години првпат реши повторно да дојде во градот во кој летото 1995 година беше извршен геноцид.
Тој ја посети Сребреница бидејќи посакал да види како живеат луѓето во градот кој беше „заштитена зона на ОН“.
Во разговорот за Anadolu Agency (AA), тој се потсети на периодот кога како 30-годишник бил еден од командантите на холандскиот баталјон во Сребреница. Во мисијата бил од јули 1994 до јануари 1995 година. Како што кажа, не можел ниту да замисли дека ќе се случи она што им се случи на луѓето кои во тоа време живееја во „заштитената зона“.
„Нашата мисија беше да внимаваме на безбедноста на луѓето во ‘заштитената зона’ и да се обидеме да ги одвоиме српските сили од цивилите што се надвор од заштитената зона, бегалците и босанските војници. Имавме фиксни пунктови, патролиравме и контактиравме со локалното население. Видовме како живеат луѓето на тоа подрачје, а и тука имаше многу луѓе кои ги напуштиле своите домови од околните градови и дошле во Сребреница“, рече Вос.
Поради тоа, како што истакна тој, било многу тешко да се живее на тоа подрачје бидејќи имало недостаток на храна.
„Го видовме тешкиот живот на населението кое во тоа време живееше во Сребреница. На почетокот не бевме свесни дека ќе се случи нешто ужасно. Се трудевме да му дадеме трошка надеж на населението во таа зона. Пред крајот на мојата мисија забележав промени во зоната, а српските војници, кои се наоѓаа во близина, стануваа сè посилни и постоеше закана дека ќе се случи нешто ужасно. Никогаш не очекувавме дека ќе се случи она што се случи во јули ’95, најголемиот неуспех во историјата на човештвото, особено на меѓународната заедница која беше одговорна за тоа подрачје“, истакна Вос.
Тој одлучил да се врати во Сребреница по 25 години.
„Бев во многу мисии во светот. Веројатно подобро им помагам на другите отколку на самиот себеси. Ми беше некако тешко да се вратам. Во Сребреница има многу спомени. Иако тука не бев до самиот крај, тоа остави голема трага на мене, но и на сите други холандски војници, дури и на оние кои никогаш не биле тука. Беше потребна голема храброст за повторно враќање во Сребреница“, рече Вос.
Како причина за неговото враќање во градот, во кој летото ’95 беше извршен геноцид, е тоа што дознал дека еден негов познаник од Сребреница, за кој мислел дека е мртов, сѐ уште е жив.
Вос деновиве ја посети Сребреница.
„Се вратив да видам што се случува денес во Сребреница. Посакав да ги видам гробовите на убиените мажи и деца од Сребреница, и што се во состојба луѓето да направат или да не направат. Посакав да видам како денес изгледа Сребреница. Посакав да видам дали луѓето продолжија со своите животи. Посакав да видам како е денес кога нема војна“, истакна Вос.
Тој додаде дека има поранешни војници, негови колеги, кои извршиле самоубиство, бидејќи чувствувале вина затоа што не го спречиле тоа што се случи во Сребреница.