Zülfiya Yakup
08 Јули 2019•Ажурирај: 09 Јули 2019
ПРИШТИНА (АА) - Комисијата за човекови права, родова рамноправност, исчезнати лица и петиции при Собранието на Косово денес ја прими делегацијата на истоимената Комисија од Собранието на Република Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателката на Комисијата за човекови права, родова рамноправност, исчезнати лица и петиции при Собранието на Косово, Дуда Баље, истакна дека ова е втор состанок на двете комисии и дека се разговарало за човековите права, но и за многу други теми.
„Заклучивме дека ние како Косово сме лидер во почитувањето на правата на заедниците во регионот, и подготвени сме на (Северна) Македонија да ѝ пренесеме одредени искуства од Косово“, рече Баље.
Претседателот на Комисијата за човекови права во Собранието на Република Северна Македонија, Фадил Зендели, оцени дека прашањата за човековите права се многу важни.
„Не само затоа што е наша надлежност, затоа што почитувањето на човековите права треба да биде и наша мисија, туку во контекст на фактот што имаме обврски како две земји да ги почитуваме човековите права, имајќи ги предвид напомените што ги имаме од меѓународните институции, извештаите за напредокот на Европската комисија и меѓународните тела“, рече Зендели.
Тој рече дека е разговарано и за други прашања од заеднички интерес за двете земји, како што се инфраструктурата и здравството, економската соработка и што поголемото приближување кон ЕУ и НАТО.
Делегациите на двете комисии ќе ги прими и претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели.