Husamedın Gına
17 Февруари 2020•Ажурирај: 18 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, во Медиа-центарот на Владата одржа прес-конференција, на која се осврна на Законот за измени и дополнувања на Законот за одбрана, донесен во Собранието, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, истакна дека со Законот практично се утврдени сите внатрешни механизми за практикување на членството во НАТО.
„Законот за одбрана е закон со којшто најпосле ќе преминеме од индивидуална одбрана, каде што само ние се грижиме за нашата стабилност и безбедност, во принципот на систем на колективна одбрана“, нагласи Шекеринска, додавајќи дека тоа е најголемата видлива придобивка од членството во НАТО, чадорот кој штити над една милијарда луѓе низ цел свет.
Законот за измени и дополнувања на Законот за одбрана, како што рече Шекеринска, е закон со кој е целосно уреден начинот на примена на членот 5 од Северноатлантскиот договор којшто е познат како „Сите за еден, еден за сите“.
Шекеринска, истакнувајќи дека членството во НАТО е сигурност, безбедност и суверенитет за Северна Македонија, рече дека членството во НАТО исто така е припадност на големиот и ексклузивен клуб во кој членуваат најмоќните, највлијателните и најбогатите земји.
Министерката за одбрана на денешната прес-конференција исто така нагласи дека пред седиштето на НАТО се прави простор и се подигнува јарболот којшто го чека знамето на Северна Македонија и дека прашање на денови е кога знамето ќе се развиори и ќе стои рамноправно, заедно со знамињата на останатите земји членки на НАТО.