Husamedin Gina
11 Март 2020•Ажурирај: 12 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) – Tри женски лица, од кои едно малолетно на возраст од 2 години од Северна Македонија, се прифатени во постапка за депортација од Турција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение од Владата се посочува дека во текот на вечерта на 10.3.2020 година, преку Меѓународниот аеродром Скопје, во Република Северна Македонија е извршена депортација на три лица од женски пол, од кои две со регулиран статус на државјанки на Република Северна Македонија и едно малолетно лице на возраст од 2 години, за кое треба да се спроведе постапка за стекнување државјанство.
„Лицата се депортирани со редовен авионски лет од Република Турција, поточно од бегалскиот камп Газиантеп, откако претходно одреден период престојувале во воените зони во Сирија и Ирак“, се нагласува во соопштението од Владата.
На аеродромот во Скопје, како што соопшти Владата, трите лица биле прифатени од стручни екипи на Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за внатрешни работи.
„Согласно протоколите за здравствена и социјална заштита, на аеродромот беа направени првите контролни здравствени прегледи и извршени анкети и разговори, при што им се дадени и совети за нивното натамошно згрижување, здравствена и социјална заштита“, се додава во соопштението.
Лицата се сместени во објект под надзор на Министерството за труд и социјална политика, Центарот за социјални работи - Скопје, поради фактот дека доаѓаат од подрачја со зголемен епидемиолошки ризик, вклучително и поради тековните мерки за превенција од коронавирусот.
Како што соопшти Владата на Северна Македонија, откако ќе помине периодот на здравствен надзор и ќе бидат завршени сите медицински прегледи и тестови, особено од аспект на здравствената заштита на двегодишното дете, по претходна одлука на соодветен стручен тим од Министерството за здравство, на трите женски лица ќе им биде овозможено да бидат прифатени од нивните најблиски и да бидат интегрирани во системот за социјална заштита по стручна процена на надлежните служби на Министерството за труд и социјална политика.
Синоќа, Министерството за внатрешни работи на Турција, соопшти дека е депортиран терорист, државјанин на Северна Македонија, во неговата земја.