Fatjon Cuka
11 Јануари 2021•Ажурирај: 12 Јануари 2021
ТИРАНА (АА) - Албанија официјално ја започна кампањата за вакцинација против новиот вид коронавирус (Ковид-19), а вакцината ја прими и албанскиот премиер Еди Рама, јавува Агенција Анадолија (AA).
Кампањата за вакцинација првично ќе се спроведува на стадионот „Ер Албанија“ во Тирана, додека потоа ќе продолжи во другите градови во земјата.
Првата вакцина ја прими раководителката на Службата за инфективни болести при Универзитетскиот болнички центар „Мајка Тереза“ во Тирана, Најада Чомо, а потоа премиерот Рама.
Потсетуваме, на денешната прес-конференција премиерот Рама и министерката за здравство и социјална заштита, Огерта Манастирлиу, говореа за аспектите на кампањата за вакцинација.
Кампањата за вакцинација против Ковид-19 е насловена како „Албанија се насмевнува“.
Премиерот Рама на почетокот од овој месец потврди дека Албанија официјално ги добила првите 500 илјади дози вакцини против новиот коронавирус (Ковид-19) од компанијата „Фајзер“, а како што истакна, денешните вакцини се обезбедени од една земја од Европската Унија (ЕУ).
Според албанските власти, вакцината ќе биде бесплатна и незадолжителна. Најпрвин ќе се вакцинираат медицинските работници, потоа наставниците, полициските службеници и лицата над 75 години.