Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
21 Декември 2022•Ажурирај: 22 Декември 2022
ТИРАНА (АА) - Турскиот производител на беспилотни летала „Бајкар“ вчера објави потпишување договор за извоз на дронови со Албанија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Потпишавме договор со Албанија за извоз на „Бајрактар ТБ2“, борбено беспилотно летало“, објави „Бајкар технолоџис“ (Baykar Technologies) на Твитер.
Бројот на држави во кои се извезуваат турските борбени дронови „Бајрактар ТБ2“ се зголеми на 27.
Халук Бајрактар, извршниот директор на „Бајкар“, на Твитер објави дека Туркије и Албанија имаат силни врски уште од дамнина.
„Потпишавме договор за извоз со Албанија, со која со векови имаме силни историски, културни и човечки врски.“
Бајрактар, исто така, сподели и фотографии од церемонијата на потпишување на договорот.
Угледот и меѓународната побарувачка за турските беспилотни летала „Бајрактар ТБ2“ и „Бајрактар Акинџи“ се зголемија низ Европа од почетокот на војната на Русија против Украина во февруари оваа година.
Србија во април, исто така, ја потврди намерата да купи турски борбени беспилотни летала, кои се многу барани низ светот.
Голем број земји, меѓу кои Украина, Катар и Азербејџан, веќе купија од турските дронови, а Полска минатата година стана првата држава членка на Европската Унија и НАТО која ги набави дроновите од Туркије.
Турскиот борбен дрон „Бајрактар ТБ2“ се смета за клучен во судирите од Карабах до Украина. Луѓето во неколку земји започнаа кампањи за собирање средства за купување на повеќе такви дронови за вооружените сили на Киев за да ѝ помогнат на Украина во борбата против Русија.