Besar Ademi
27 Април 2017•Ажурирај: 27 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Амбасадорката на Германија во Македонија, Кристине Алтхаузер, рече дека сите чекаат да се формира новата влада во Македонија, бидејќи, како што рече, кризата се одолговлекува премногу и мора да се реши, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сите, вклучувајќи ја и меѓународната заедница, чекаат да се формира новата влада за нештата да продолжат да се движат напред, но прво мора да се избере претседател на Собранието. Приоритет во процесот на пристапување кон ЕУ се прашањата на реформите, кои треба да се применуваат интензивно. Сепак, предуслов е да имаме корисна и функционална влада“, рече Алтхаузер.
Вицепремиерот на Македонија за европски прашања, Арбер Адеми, изјави дека политичката криза во Македонија се прошири во институционална криза, и истакна оти очекува кризата да се реши, бидејќи таа влијае на проектите и реформите коишто дефинитивно треба да се реализираат.
„Јас и сите граѓани на Македонија очекуваме лидерите на политичките партии да најдат решение за политичката криза, бидејќи проектите мора да се спроведат, реформите мора да продолжат и административниот капацитет мора да се подобри. Политичката криза мора да се реши за институциите да функционираат и процесот на евроинтеграција да продолжи напред, бидејќи ние немаме друга алтернатива“, изјави Адеми
Германската амбасадорка Кристине Алтхаузер и вицепремиерот Адеми се обратија на меѓународната конференција „Добрите практики за обука во земјите-членки на Европската Унија“, која се одржа во Скопје, под покровителство на Секретаријатот за европски прашања при Владата на Република Македонија.