Andjelija Stojkovic
16 Декември 2018•Ажурирај: 16 Декември 2018
БЕЛГРАД (AA) - Неколку илјадници луѓе учествуваа вечерва на протестот „Стоп на крвавите кошули" во Белград кој траеше два саати и помина без поголеми инциденти, јавува Anadolu Agency (AA).
Колоната ја предводеше транспарентот на кој пишуваше „Стоп на крвавите кошули", а во протестот учествуваа лидерите на Сојузот за Србија, меѓу кои основачот на сојузот и поранешниот градоначалник на Белград Драган Ѓилас и претседателот на Левица на Србија Борко Стефановиќ, поради чие претепување во Крушевац е покренат протестот.
На собраните пред Филозофскиот факултет им се обрати академик Душан Теодоровиќ кој порача дека говорел на протестите против режимот на поранешниот претседател на Југославија Слободан Милошевиќ, дека граѓаните ја срушиле таа власт и дека ќе ја срушат и оваа.
„Успеавме да го победиме Милошевиќ, ќе те победиме и тебе (Александар Вучиќ). Вашите животи не вредат ништо ако на власт остане Александар Вучиќ. Најдете ресурси во мозокот и во срцето и борете се против режимот на Александар Вучиќ", рече Теодоровиќ.
Тој рече дека кога во 2014 година биле поплавите граѓаните не се делеле на леви и десни, а дека власта е како поплава.
Теодоровиќ наведе дека граѓанската непослушност ќе продолжи, дека оваа власт направила квазиуниверзитети и дека во Владата на Србија има министри со лажна диплома, додека младите експерти заминуваат и дека лажните дипломи мора да бидаат поништени а на пензионерите мора да им биде вратен секој денар кој им е земен со намалувањето на пензиите во 2014 година.
Актерот Тихомир Станиќ порача дека сите знаат зошто денес излегле на улица.
„Живи сме драги пријатели веќе со децении тука кога ќе се појави причина. Овој пат против насилство, физичко и вербално", рече Станиќ.
Протестната поворка помина покрај Собранието на Белград, Претседателството на Србија, Радио-телевизија на Србија, на која одредени учесници фрлаа јајца, а на крај поворката заврши на Плоштадот Политика.
На протестот немаше големо присуство на полиција, на улиците воглавно беа сообраќајни полицајци.
Во Белград и минатата сабота беше одржан протестот „Стоп на крвавите кошули", на кој повика српската опозиција. Како што тогаш истакнаа демонстрантите, непосреден повод на протестот беше неодамнешниот напад на претседателот на Левица на Србија, Борко Стефановиќ, кој од удари со метален стап добил повреди во пределот на главата пред одржување на трибината на Сојузот за подобра Србија во Крушевац.