Admir Fazlagic
16 Декември 2018•Ажурирај: 17 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Три лица загинаа, а 32 се повредени кај Печењевац во близина на Лесковац, Србија, кога автобус од Македонија рано утрово слетал од патот и се превртел, потврдија за Anadolu Agency (AA) од Министерството за надворешни работи на Република Македонија.
Во врска со автобуската несреќа во Србија, Министерството за надворешни работи на Република Македонија (МНР) преку Амбасадата на Република Македонија во Белград стапи во контакт со претставниците на надлежните служби во Србија.
Од МНР за АА информираа дека до моментов се идентификувани две лица, маж и жена на возраст од 68 години, додека третата жртва сѐ уште не е идентификувана, а надлежните служби работат на идентификација и на повредените.
„Има вкупно 32 повредени лица, од кои 28 се надвор од животна опасност и се згрижени во општата болница во Лесковац, од кои 4 лица се на Хирургија, а 1 лице на Ортопедија. Четворицата повредени со тешки телесни повреди се наоѓаат во животна опасност и се префрлени во Клиничкиот центар во Ниш“, соопштија од МНР, од каде што информираат дека превртениот автобус припаѓа на автобуски превозник од Струга.
Од МНР додаваат дека министерот за здравство, Венко Филипче, генералниот секретар на Владата на РМ, Драги Рашковски и претставник на Амбасадата на РМ во Белград се упатија кон местото на несреќата.