Bedrudin Brljavac
10 Јануари 2022•Ажурирај: 11 Јануари 2022
САРАЕВО
Во неколку градови, вклучително Гацко, Фоча, Приедор, Брчко, Јања се забележани инциденти, провокации и навреди кон несрпското население и Бошњаците, во пресрет на прославувањето на неуставниот Ден на Република Српска (РС) , ентитет во Босна и Херцеговина (БиХ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Во областа Брчко во БиХ се забележани неколку инциденти, а во еден од нив навивачката група „Синдикат“ синоќа со факели излегла на булевар, поради што сообраќајот бил блокиран одреден период. Членовите на истата навивачка група во текот на ноќта од стамбена зграда со проектор ја осветлиле зградата на компанијата „СКО Бимал“ со ликот на Свети Стефан, кого го сметаат за „заштитник на ентитетот на РС“. Исто така синоќа во тој град повторно е уништен графитот посветен на жртвите од геноциодот во Сребреница.
Претходните денови се забележани слични инциденти и провокации упатени кон Бошњаците во некои градови во босанскохерцеговачкиот ентитет на РС.
Во сабота во Приедор поголема група на луѓе на улиците на тој град пеела песни во чест на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ. Исто така, на социјалните мрежи се појави снимка на која група на луѓе со знамиња, шета низ Приедор и пее „Генерале, благодарам на твојата мајка“ со извикување на името на Ратко Младиќ, еден од осудените за сторениот геноцид во Подриње.
И во Фоча биле развиени знамиња во чест на осудениот воен злосторник Младиќ, а во Гацко од разгласот е пуштена песната „Не те сакам Алија затоа што си балија“, ширејќи меѓунационална омраза и нетрпеливост.
Во четврток пред џамијата Атик во Јања се слушнало пукање од огнено оружје, а според очевидците мажи од колоната со автомобили, која запрела на магистралниот пат Бијељина-Зворник, на национална основа ги навредувале верниците кои се враќале од сабах намаз. Пукано е во воздух, а изговорени се тешки, фашистичко-шовинистички зборови од групата мажи кои со своите автомобили превезувале Бадниково гранче (Бадник).
Настанот е пријавен во МВР на Република Српска, а Бошњаците во Јања порачаа дека се вознемирени и огорчени поради провокациите, навредите и заканите, кои со ништо не ги предизвикале.
Босанско-херцеговачкиот ентитет на Република Српска секоја година го одбележува Денот на РС на 9 јануари, и покрај одлуките на Уставниот суд на БиХ со кој е прогласен за неуставен. На тој датум 1992 година во Сараево самопрогласеното Собрание на српскиот народ во БиХ ја донесе „Декларацијата за прогласување Република на српскиот народ на Босна и Херцеговина“. Уставниот суд на БиХ во ноември 2015 година и во март 2019 година пресуди дека празникот е „неуставен и спротивен на меѓународната конвенција за укинување на сите облици на расна дискриминација и е спротивен на протоколот за европска конвенција за заштита на човековите права и основни слободи“.