Bojana Stojanovic
18 Јули 2018•Ажурирај: 19 Јули 2018
БЕЛГРАД (АА) - На денешниот состанок во Брисел е договорено новата рунда на дијалогот меѓу Белград и Приштина да биде одржана во истиот град за неколку недели, со цел да се продолжат разговорите за рамките на правно-обврзувачкиот Договор за нормализација на односите, пренесува Anadolu Agency (AA).
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини и претседателите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, во Брисел го разгледаа напредокот во тие разговори.
Како што соопшти Европската комисија по состанокот, договорено е новата рунда на политички дијалог на највисоко ниво да се одржи за неколку недели, за да продолжат со работата.
Српскиот претседател Александар Вучиќ оцени дека денешните разговори во Брисел биле многу сложени. Како што истакна тој, денес биле договорени две работи.
„Едната е да ги продолжиме разговорите, да се обидуваме да најдеме заеднички именител за компромисно решение, и втората работа е да го сочуваме мирот и стабилноста во односите меѓу Белград и Приштина“, изјави Вучиќ.
Според неговите зборови, Албанците и Тачи би сакале да добијат сè, додека Белград се труди да пронајде компромисно решение во кое ниту една страна не би била оштетена.
„Јас, секако, се борам за Србија и за српската страна кај која интересите на другата страна не би биле сосема занемарени“, додаде Вучиќ.