Vesna Besic
10 Јули 2020•Ажурирај: 11 Јули 2020
СРЕБРЕНИЦА
Меморијалниот проект „Што те нема“ на уметницата Аида Шеховиќ, денеска е поставен во Меморијалниот центар „Сребреница - Поточари“, по повод одбележувањето на 25-годишнината од геноцидот над Бошњаците во Сребреница, кој во 1995 година го извршија воените, полициските и паравоените формации од Република Српска и Србија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Проектот е направен од филџани во кои во знак на сеќавање на жртвите од геноцидот од 1995 година се става кафе. Во поставувањето на овој споменик во знак на оддавање почест на жртвите од сребреничкиот геноцид учествуваа волонтери од различни делови на БиХ.
„Денеска се наоѓаме во Поточари каде што ќе го поставиме споменикот на сеќавање „Што те нема“ по 15. пат. Тој во последните 15 години патуваше низ светот и оваа година првпат се поставува на местото на злосторот, тука во Поточари, во Меморијалниот центар. И всушност, филџаните се враѓаат дома“, појасни Шеховиќ.
Како што рече, денеска ќе бидат наредени над 8.372 филџани кои се собрани од босанскохерцеговските семејства од целиот свет, дијаспората и БиХ“, појасни Шеховиќ.
Според неа, се работи за необичен споменик.
„Затоа што не е траен. Се состои од собрани филџани. Секој филџан симболично претставува едно убиено лице во Сребреница. Го почнавме пред 15 години со првите 932 филџани кои ги собраа мајките и жените од Сребреница. Потоа 7.714 филџани стигнаа од Венеција каде што беше минатогодишната поставка. Откако сме тука на терен, во последните три-четири недели, собираме филџани и имавме одѕив кој ги надмина сите наши очекувања“, изјави Шеховиќ.
Таа додава дека ги поддржале и политичарите.
Еден од филџаните кој ќе биде дел од поставката посветен е на Мустафа Хрустиќ, убиен во геноцидот во Сребреница. Филџанот ќе го постават неговите внуки Амина (9) и Адна (12), кои се родија и живеат во Сребреница.
„Ние нашиот дедо го знаеме преку фотографии, бидејќи е убиен во геноцидот. За жал не успеавме да го запознаеме. Сеќавањето на него ќе го чуваме преку слики. Често доаѓаме во Меморијалниот центар, го посетуваме и упатуваме молитва“, изјавија претходно Амина и Адна кои пред две години добија брат, кој го носи името на нивниот дедо Мустафа.
Мустафа Хрустиќ е погребан во гробиштата на Меморијалниот центар „Сребреница - Поточари“ во 2005 година.