Admir Fazlagic
10 Јули 2020•Ажурирај: 11 Јули 2020
СКОПЈЕ (АА) - Граѓанската асоцијација МОСТ ќе ги следи предвремените парламентарни избори закажани за 15 јули во Република Северна Македонија, со близу 900 набљудувачи, јавува Агенција Анадолија (АА).
На денешната прес-конференција претседателот на МОСТ, Дарко Алексов, информира за тоа како оваа асоцијација ќе ги следи претстојните предвремени парламентарни избори.
„Граѓанската асоцијација МОСТ ќе ги следи предвремените парламентарни избори со близу 900 набљудувачи. На 696 гласачки места, избрани според случаен и репрезентативен примерок, ќе бидат распоредени исто толку набљудувачи, со што ќе бидат покриени 20% од вкупниот број на гласачки места на територијата на целата држава. Набљудувачите на МОСТ се статични и ќе ја следат постапката на гласање во текот на целиот ден“, истакна Алексов.
Како што рече тој, МОСТ ќе распореди и 55 мобилни тимови, составени од по двајца набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ќе ги набљудуваат гласачките места на кои МОСТ нема распоредено статични набљудувачи. Дополнително, 80 општински избори комисии ќе бидат покриени со набљудувачи кои ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија.
„Како и на претходните изборни процеси, Граѓанската асоцијација МОСТ го спроведува проектот согласно Декларацијата за универзални принципи за непартиско набљудување на изборите од страна на граѓански организации и останатите меѓународно признати стандарди за домашно набљудување“, додаде Алексов.
Тој информира дека во текот на изборниот ден ќе биде отворена бесплатна телефонска линија преку која граѓаните ќе можат да пријавуваат евентуални нерегуларности или да даваат информации поврзани со изборниот процес.
Во контекст на тоа што овие избори се одржуваат во време на пандемијата на коронавирусот (Ковид-19), Алексов рече дека „почитувањето на мерките е неопходност со која мора да функционираме и ќе функционираме и во иднина“.
Во името на граѓанската асоцијација која ја предводи, Алексов упати апел граѓаните да одвојат неколку минути од своето време и со доследно почитување на мерките, да се упатат на избирачките места и да ја исполнат својата граѓанска должност.
На 15 јули во Северна Македонија ќе се одржат предвремените парламентарни избори, кои претходно беа закажани за 12 април оваа година, но беа одложени поради состојбата со Ковид-19.
Поради состојбата со коронавирусот, изборите ќе се одвиваат со посебни правила и протоколи, поради што наместо еден ден, ќе се гласа три дена, односно на 13, 14 и 15 јули. Како што информираат властите, на 13 и 14 јули ќе гласаат болни и изнемоштени лица, вклучително и оние со Ковид-19, дома или во болници, сите што се во самоизолација и сите хронично болни граѓани. На 15 јули гласањето ќе биде продолжено за два часа, односно ќе се гласа од 07:00 до 21:00 часот, со почитување на протоколите за заштита од Ковид-19.
Според избирачкиот список на Државната изборна комисија (ДИК), вкупно 1.814.263 граѓани имаат право да гласаат на претстојните предвремени парламентарни избори.
Кампањата за овие избори започна на 24 јуни и ќе трае до 12 јули. Во изборите за 120 места во Собранието на РСМ ќе учествуваат 15 коалиции и политички партии со 1.598 кандидати.