Admir Fazlagic
29 Октомври 2017•Ажурирај: 30 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Со затворање на гласачките места во 19 часот денеска заврши вториот круг од локалните избори во Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека според 99,21 отсто од обработените податоци, излезноста на денешниот втор круг од локалните избори до 17 часот на ниво на Македонија е 43,83 отсто.
ДИК информираше дека гласањето за избор на градоначалници течеше непрекинато освен на две избирачки места, во општините Бутел и Шуто Оризари каде што имало прекини поради технички дефект на УВ ламбите, но не подолги од половина час.
Министерството за внатрешни работи на Република Македонија (МВР) на денешната прес конференција соопшти дека до сега нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето.
Портпаролот на МВР извести и за едно нарушување на јавниот ред и мир во општина Шуто Оризари.
„Едно лице пријавило дека на ул. Метохиска било нападнато од повеќе лица. Полицијата веднаш излезе на лице место и едно лице е приведено во полициска станица. Се работи на расчистување на случајот и веднаш штом ќе биде расчистен соодветно ќе ја информираме јавноста", рече Ангеловски.
Вториот круг од локалните избори се спроведува во 35 општини, на 1.517 избирачки места каде право на глас имаа 833.710 граѓани.
Во скопските општини Бутел, Кисела Вода, Гази Баба, Сарај, Шуто Оризари и Чаир, право на глас имаат 260.194 граѓани, кои ќе гласаат на 387 избирачки места.
Во останатите 29 општини во Македонија во вториот круг можеа да гласаат 573.616 граѓани на 1.130 избирачки места.
Вчера, своето право на глас можат да го остварат лица во казнено-поправните домови и лица кои се во притвор, внатрешно раселени лица, како и немоќните и болни кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.
Гласаа 939 лица во 13 казнено-поправни установи, 1.435 болни, изнемоштени и лица кои се во куќен притвор, како и осум гласачи кои се водат како внатрешно раселени.
Внатрешно раселените лица гласаа во колективните домови и прифатните центри каде што се сместени, болните и немоќните лица во нивните домови, а избирачите кои на денот на гласањето се наоѓаа на издржување мерка куќен притвор гласаат во местото каде ја издржуваат мерката куќен притвор.
Денешното гласање започна во 07 часот, избирачките места беа отворени навреме.
Ова се шести локални избори во Република Македонија по нејзиното осамостојување – првите се одржаа во 1996 година, потоа во 2000, во 2005, во 2009 и последните во 2013 година.