Bojan Bednar
01 Март 2022•Ажурирај: 02 Март 2022
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во врска со војната во Украина најмногу се плаши од внатрешните политички последици бидејќи која било политика што ќе биде сфатена како отуѓување од Русија ќе доведе до загуба на русофилското гласачко тело, а другите десничарски и конзервативни партии ќе пробаат да го земат тој дел гласачи, изјави за Агенција Анадолија (АА) истражувачот од Белградскиот центар за безбедносна политика, Вук Вуксановиќ.
Тој оцени дека Вучиќ е свесен дека во изминатите децении, поради наследството од деведесеттите и емотивните фрустрации на српската заедница поради независноста на Косово, популарноста на Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин достигнала „прилично надреално ниво“.
Вуксановиќ додаде дека Вучиќ поради тоа многу повеќе се плаши од внатрешниот политички хаос што би произлегол од некоја негова одлука за Русија отколку од надворешнополитичките последици.
Во врска со војната во Украина, Вучиќ се наоѓа, како што укажа Вуксановиќ, помеѓу западните престолнини од кои му е неопходна поддршката за да остане на власт и кои му се најголемите економски партнери, и Русија која му е битна поради спорот со Косово и привилегираните цени на гас, што му се неопходни за економијата и реизборот во април.
Коментирајќи го објаснувањето на Вучиќ дека Србија не може да воведе санкции кон Русија, меѓу другото и затоа што Москва не вовела санкции кон Република Српска, Вуксановиќ потсетува дека во 1992 година Русија гласала за воведување санкции кон тој ентитет на Босна и Херцеговина (БиХ).
Истакна дека е многу голема неизвесноста како членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, ќе се однесува во оваа криза, бидејќи Вучиќ е „во најважната престолнина“ на Западниот Балкан и „свесен за надворешниот свет“, додека Додиковиот модел на политичко делување сепак е „фокусиран на неговиот ентитет што не е суверена држава“ и на локалните грижи.
Во тој поглед, предупреди Вуксановиќ, дека Додик е „многу понепредвидлив играч“ од Вучиќ.
„Војната во Украина, кога е во прашање Косово, е сериозен проблем затоа што повторно го носи духот на војната од 1999 година“, оцени Вуксановиќ.
Тој нагласи дека е евидентно дека Русија константно го користи косовскиот преседан како аргумент во своите судири и територијални спорови на постсоветскиот простор, што Белград го става во многу непријатна положба затоа што се повикува на територијалниот интегритет на меѓународно признаени држави.
Додаде дека српската Влада ќе има проблем како да одржи баланс помеѓу Русија и Западот, додека Владата во Приштина ќе се обиде да ја искористи војната во Украина за да ја зајакне својата преговарачка позиција и да се претстави себеси како „лојален член на западниот клуб, додека Белград е секогаш псевдоруски сојузник“.
„Тоа многу негативно ќе се одрази на преговарачкиот процес помеѓу Белград и Приштина“, наведе Вуксановиќ, „бидејќи оваа драма нема да ја искористат за сериозно да преговараат туку да плукаат во правец на другиот“.
Вуксановиќ истакна дека проамериканските чувства во Приштина се на „легендарно ниво“, а дека во случајот со надворешната политика на Албанија и Северна Македонија проамериканизмот станал многу силен бидејќи тие две држави се „многу разочарани“ од политиката на Европската Унија кон нив.
„Покрај Србија, 'неискажани' земји во регионот по прашањето за војната во Украина се Црна Гора и Босна и Херцеговина“, истакна Вуксановиќ и додаде дека тие три земји се политички „најчувствителни на каков било политички хаос“ што би можел да се прелие од украинскиот судир.
Запрашан како го коментира тоа што дел од граѓаните на Србија се залагаат за апсолутно почитување на територијалниот интегритет на Србија по прашањето за Косово и истовремено се противат на територијалниот интегритет на Украина, Вуксановиќ рече дека тоа говори за колку „емоционално трауматизирано и спротивставено“ општество станува збор.
Тој укажа дека кај просечниот граѓанин на Србија постојат многу спротивставени емотивни импулси, што се продукт на сè што се случувало во последните 30 години, наведувајќи го распадот на Југославија, судирите, неуспешната политичка и економска транзиција по падот на Слободан Милошевиќ и емотивната фрустрација поради независноста на Косово.
„Сето ова“, заклучи тој, „се измеша во еден многу експлозивен коктел со кој општеството и политичките структури е многу тешко да се изборат.“