Bojana Stojanovic
17 Август 2018•Ажурирај: 18 Август 2018
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека на 9 септември во Косовоска Митровица ќе ги претстави насоките и правците на државната политика кон Косово, додавајќи дека ќе продолжи да се бори колку може да се оствари некое решение за косовското прашање, иако многу добро знае која цена се плаќа кај народот и земјата, јавува Anadolu Agency (АА).
При посетата на Клиничкиот центар на Србија во Белград, Вучиќ пред новинарите изјави дека на 9 септември ќе се обрати на населението во Косовска Митровица, кога и ќе ги претстави насоките и правците што Србија ги планира кон Косово, но не и планот за конечно решение, бидејќи тој сè уште не постoи.
Тој истакна дека „веќе од утре“ почнува да работи на своето обраќање пред народот во Косово, а дека веројатно нешто повеќе ќе знае по разговорите во Брисел.
„Тоа што ќе го кажам утре на Косово, се надевам, дека ќе може во вредносна смисла да важи и за 50 и за 100 години, а да не го „изедат“ некои избори или телевизиски емисии“, додаде претседателот.
Вучиќ изјави и дека ќе продолжи да се бори колку што може за да се оствари одредено решение за косовското прашање, иако многу добро знае која цена се плаќа кај народот и државата кога некој предложува нешто што „српските уши не сакаат да го слушнат, колку и да е точно“.
Тогаш како пример ги наведе нападите кои претседателот на Република Српска, Милорад Додиќ, ги доживеа во јавноста откако зборуваше за Косово, иако тој смета дека од буква до буква ја кажал вистината и е нешто што би потпишал секој рационален човек.
Како свој мотив го наведе тоа што сака да остане запишано во историјата дека се обидел тој проблем да се реши, а дека парите и обогатувањето не му се мотив.