Bojana Stojanovic
26 Август 2020•Ажурирај: 28 Август 2020
БЕЛГРАД (АА) - Ставот на Белград е апсолутно почитување на Дејтонскиот договор и зачувување на Република Српска (ентитет во Босна и Херцеговина), затоа што мирот и стабилноста се од суштинско значење и за народот на Србија и Република Српска (РС), изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ по состанокот со членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, јавува Агенција Анадолија (АА).
На состанокот и заедничката прес-конференција присуствуваа и српската премиерка Ана Брнабиќ, министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ, претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ и премиерот на Република Српска, Радован Вишковиќ.
„Мислам дека не мора да кажам колку се грижиме, не само за добрите односи со Република Српска, туку и за Република Српска воопшто. Реков дека мојот став е апсолутно почитување на Дејтонскиот договор. Зачувувањето на мирот и стабилноста е од суштинско значење за Србија и Република Српска. На заканите со војна мора да одговараме мирно и трпеливо. Не смееме да учествуваме во таа игра, туку да ги почитуваме договорите што ги потпишавме“, рече Вучиќ.
Тој изјави дека ќе се продолжи со најблиската соработка меѓу Србија и Република Српска во областа на економијата, културата и образованието, а дека е договорено и да се воспостави заеднички празник, односно ден на српското единство, слобода и националното знаме, што ќе се одбележува на 15 септември во знак на сеќавање на пробивањето на Солунскиот фронт во Првата светска војна.
Вучиќ најави дека до крајот на годината Србија до Република Српска ќе упати дополнителна финансиска поддршка, а дека за износот јавноста ќе биде информирана кога тоа ќе се случи, и повтори дека Србија е заинтересирана да стане сопственик на аеродромот во Требиње и да управува со него.
Тој изрази надеж дека првиот авион кон тој аеродром ќе полета до март 2022 година, а можно е и порано.
Како што рече, ќе биде донесен закон за заштита на српскиот јазик и азбука, како и заедничка декларација за зачувување на јазикот, а наскоро е планирана и премиерата на играниот филм за злосторствата во Јасеновац.
„Ќе го повикаме режисерот Емир Кустурица да направи друг филм на тема од фантастичен интерес за српскиот народ, [тема] која ги поврзува Србија и БиХ и која ќе прикажува многу работи и во денешно време. Подготвени сме да го преземеме најголемиот дел од финансискиот товар на себе, секако, ако за тоа се изјасни и Кустурица“, рече Вучиќ.
Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, рече дека една е пораката до народот во Република Српска.
„Една е пораката до нашиот народ - дека Србија мисли и сака да го поддржи народот на просторот на Република Српска“ рече тој.
Додик истакна дека го информирал Вучиќ за состојбата во врска со спроведувањето на Дејтонскиот договор.
„Нашата политика е политика на мирот и бараме мирот да биде траен и стабилен, нашата политика не е војна, ниту политика на ескалација, туку на мир во овој регион, во што Србија е гарант“, додаде тој.
Рече дека до претседателот на Србија ги доставувал заклучоците на Народното собрание на Република Српска кои говорат за „девастирањето на Дејтонскиот договор“, како и дека тие документи ќе ги достави до Хрватска, како и на релевантни меѓународни фактори.
Додик повтори дека Босна и Херцеговина не го има признаено и нема да го признае Косово, и дека ќе го следи ставот на Србија во врска со тоа прашање.