Bojana Stojanovic
13 Февруари 2019•Ажурирај: 14 Февруари 2019
БЕЛГРАД (АА) - Не сум заинтересиран да разговарам со лидерите на опозицијата, додека секогаш сум отворен за дијалог со граѓаните, изјави денес српскиот претседател Александар Вучиќ, коментирајќи ги протестите против власта во земјата, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Мене тоа не ме интересира. Јас со нив нема да се состанам. За народот и граѓаните секогаш сум отворен. А за овие крадци не. А зошто не се во затвори, тоа е тешко прашање. Затоа што целокупниот правосуден систем го поставија тие. Зошто да зборувам со некој кој говори дека јас го рушам територијалниот интегритет, а во нивно време Косово прогласи независност и Црна Гора замина од Југославија“, рече тој.
Вучиќ оцени и дека најголемата поддршка на протестите во Белград стигнува од медиумите во Загреб, Сараево и Приштина, и дека е потребно луѓето да се замислат зошто е тоа така.
„Што мислите зошто Загреб се радува на пропаста на Александар Вучиќ? Зошто сум им јас проблем? Им пречи што е Србија посилна. Јас од Сараево чув забелешки затоа што Србија се вооружува. Сакате ли да ни забраните?“, праша Вучиќ.
Како што истакна, косовските медиуми направиле главна вест од протестите во Грачаница во кои учествувале „19 луѓе, од кои 12 навистина се од Грачаница, каде што живеат 18.000 луѓе“.
Српскиот претседател зборуваше и за платите во Србија, најавувајќи дека просечната плата до крајот на годината ќе биде зголемена на 500 евра, а рече и дека Србија е во предност меѓу државите во регионот во трката за отворање голема фабрика, не прецизирајќи за која фабрика станува збор.