Bojan Bednar
26 Август 2022•Ажурирај: 27 Август 2022
БЕЛГРАД - Српскиот претседател Александар Вучиќ, денеска, по разговорите со специјалниот пратеник на Европската Унија (ЕУ) за дијалогот Белград - Приштина, Мирослав Лајчак и претставникот на Соединетите Американски Држави (САД) за Западен Балкан, Габриел Ескобар, изјави дека е јасно оти околу автомобилските таблички и некои поголеми прашања во Косово не може да се постигне компромисно решение, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во видеопораката што ја објави на Инстаграм, Вучиќ рече дека вториот дел од разговорот со Лајчак и Ескобар, кој се одржа вчера, завршил 15 минути по полноќ.
„Верувам дека во наредните денови, кои се пред нас, ќе успееме барем во мал дел да постигнеме компромисно решение, бидејќи е јасно дека во однос на табличките и некои поголеми прашања, до такво решение не може воопшто да се дојде“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека дури и она на што се надева „не е сигурно“ и дека се потребни многу гаранции и уште многу работа.
„Во наредните денови ќе работиме напорно за да се обидеме да го обезбедиме и зачуваме мирот за нашиот народ, а во исто време, да обезбедиме иднина за опстанокот на Србите на Косово и Метохија“, рече Вучиќ.
На состанокот присуствуваа и американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил и амбасадорот на ЕУ во Србија, Емануел Жиофре.
Вучиќ вчера попладне се сретна со Лајчак и Ескобар, по што изјави дека разговорите „не биле лесни“ и дека ќе продолжат доцна навечер.