Vesna Besic
03 Април 2022•Ажурирај: 04 Април 2022
БЕЛГРАД (АА) – Утрово се отворија избирачките места во Србија, каде денеска се одржуваат вонредни парламентарни и редовни претседателски избори, јавува Агенција Анадолија (АА).
Над 6,5 милиони граѓани на Србија ќе избираат претседател на мандат од пет години, пратеници во Собранието, советници во Собранието на Град Белград и во 11 други градови и општини низ државата.
Ќе се гласа на над 8.260 избирачки места. Граѓаните ќе можат да ја искористат граѓанската должност до 20 часот кога избирачките места ќе се затворат.
За претседател на државата се борат осум кандидати.
Кандидати се актуелниот претседател Александар Вучиќ и опозициските кандидати - претставникот на Единствена Србија, Здравко Понош, на зелено-левата коалиција Мораме, Билјана Стојковиќ, и неколку кандидати на десницата - претседателката на партијата Заветници, Милица Ѓурѓевиќ-Стаменковски, претседателот на Демократската партија на Србија, Милош Јовановиќ, претседателот на движењето Двери, Бошко Обрадовиќ, претставничката на коалицијата Суверенисти, Бранка Стаменковиќ, и претседателот на Српска десница, Миша Вациќ.
За претседателските избори укинато е правилото да мора на изборите да излезат над 50 отсто од вкупниот број гласачи, па претседател станува оној што ќе освои повеќе од 50 отсто од излезените гласачи.
Доколку ниту еден од кандидатите во првиот круг не освои повеќе од 50 отсто, тогаш двајцата кандидати со најмногу гласови одат во вториот круг. Во последните 15 години на претседателските избори гласале околу половина од запишаните избирачи.
Србија од 1990 година до денес по 11-ти пат бира претседател, но изборите во 2002 и 2003 година беа неуспешни бидејќи тогаш важеше правилото на изборите да мора да излезат повеќе од 50 проценти од граѓаните, додека тоа правило подоцна е укинато.
Последен пат Србија бираше претседател во 2017 година, а на тие избори излегоа 3.655.365 гласачи, односно 54,36 отсто од гласачите.
Дотогашниот премиер Александар Вучиќ победи во првиот круг со 55,08 отсто од гласовите на излезените гласачи, односно доби околу два милиони гласови, на второ место беше кандидатот на опозицијата, Саша Јанковиќ, кој освои околу 600.000 гласови, односно 16,35 отсто, додека трет беше сатиричниот кандидат Лука Максимовиќ, кој се кандидираше и ја водеше кампањата како измислената личност „Љубиша Прелетачевиќ Бели“ и освои околу 350.000 гласови, односно 9,42 отсто.
Мандатот на претседателот на Србија изнесува пет години.
На парламентарните избори се избираат 250 пратеници со мандат од четири години.
Од февруари 2020 година, партиите мора да освојат три отсто од гласовите за да влезат во Собранието.
Овој цензус не се однесува на партиите што ги претставуваат националните малцинства.