Bojana Stojanovic
06 Јануари 2019•Ажурирај: 07 Јануари 2019
БЕЛГРАД (АА) - Се сомневам дека оваа година ќе бидат завршени преговорите меѓу Белград и Приштина и дека ќе биде постигнат договор за Косово, изјави српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што објасни, намерата била преговорите да завршат до крајот на мандатот на високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, кој завршува во последната третина од 2019 година, но дека по сѐ што се случило и по блокадата на преговорите се сомнева дека тоа е можно и дека речиси е извесно дека таа во иднина нема да биде преговарач.
„Постојат повеќе причини зошто преговорите тешко дека ќе бидат завршени до крајот на годината. Албанците не се откажуваат од тоа дека договор е само ако ние ја признаеме независноста“, рече Дачиќ.
Кога станува збор за завршување на преговорите во година кога се избира нов Европски парламент и нова Европска комисија, како и нов висок претставник за надворешна политика на ЕУ кој директно учествува во дијалогот, Дачиќ наведе дека не може да се очекува дијалогот да биде во полна сила.
Тој, меѓутоа, оцени дека голем успех е тоа што оваа тема е вратена за суштинско решение, а не само за техничките прашања.
„Сега сите оние на кои независноста им беше неспорна, отвораат простор, како што велат Американците - за релативно решение кое би ги уважило ставовите и на едните и на другите“, рече Дачиќ.
Тој додаде дека не се откажале од разграничувањето како решение за Косово, но дека таа идеја не е ни разгледувана.
„На маса е, но за тој модел не се разговара. Ние не се откажуваме од ниту една идеја која има потенцијал да доведе до компромис“, нагласи Дачиќ.
Говорејќи за форматот на преговорите, тој рече дека доколку има барања да се прошири и да учествува и Америка, Србија ќе побара и Русија да биде вклучена.
„Ако дојде до договор ќе бараме да се завери во Советот за безбедност, а тоа значи и големите сили да бидат гарант на договорот“, додава Дачиќ.