Zylfije Adem Jakupi
13 Јуни 2020•Ажурирано: 13 Јуни 2020
ПРИШТИНА
Неколку илјади граѓани се собраа денес во центарот на Приштина на мирен собир на кој Движењето „Самоопределување" прослави 15 години од своето основање и 21 година од „ослободувањето на Косово од Србија", јавува Агенција Анадолија (АА).
Граѓаните кои носеа албански црвено-црни знамиња и транспаренти со натпис „Сакаме избори", го извикуваа името на лидерот на „Самоопределување" Албин Курти. Од бината поставена на Плоштад Скендербег пред зградата на Владата на Косово, се обратија говорници, пратеници и високи функционери на „Самоопределување".
На собраните им се обрати и лидерот на Движењето и поранешен премиер на Косово Албин Курти, кој порача дека Косово денес, 21 година од ослободувањето е слободно, но многу сиромашно, ограбено од страна на корумпираните политичари и со срушени институции.
Курти рече дека Косово му е благодарно на НАТО и Соединетите Американски Држави (САД) кои му пружија помош на косовскиот народ во неговата праведна борба за слобода и самоопределување, како и подоцна во изградба на демократското општество.
„Датумот 12 јуни е ден на ослободување од Србија, но по ослободувањето од тој надворешен окупатор, започна владеењето однатре. Првин преку УНМИК кој не донесе ниту демократски развој и економски напредок, а потоа преку политичарите кои во име на ослободувањето почнаа со искористување на јавното богаство и осиромашување на уништениот народ", рече Курти.
Курти рече дека Косово мора да се ослободи и од корупцијата, купувањето гласови на пратениците и послушното судство.
Говорејќи за 15 години од постоењето на Движењето „Самоопределување", Курти нагласи дека имало многу предизвици, дека многу пати се марширало и протестирало во институциите и надвор од нив. Ги спомена протестите против Планот на Ахтисари, договорот за Заедниците на српските општини, како и против корупцијата и организираните злосторства.
Порача дека косовската држава мора да им пружи еднакви можности на сите, а не како до сега, како што наведе, да припаѓа на едно лице или на неколку семејства кои се збогатиле, а останатите граѓани живеат во сиромаштија.
Тој истакна дека Владата која ја предводел тој е соборена „затоа што се здружиле оние кои ја заробиле државата", нагласувајќи дека претседателот на Косово Хашим Тачи нашол сојузници во Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), со кои веќе 20 години е заедно „во кражба и корупција."
Курти потсети дека „Самоопределување" не го прифатило за нив неправедната одлука на Уставниот суд, која дозволи да се избере Владата на Авдулах Хоти од ЛДК, која е избрана „за да ги укине реципрочните мерки на Србија."
Курти оцени дека граѓаните веќе нема да можат да се враќаат на периодот од пред 6 октомври минатата година кога на избори победи Движењето „Самоопределување", ниту на стариот начин на владеење на државата.