Vesna Besic
11 Јули 2017•Ажурирај: 11 Јули 2017
ПОТОЧАРИ (АА) - Во долината на белите надгробни споменици, како што многумина ги нарекуваат гробиштата во Меморијалниот центар во Сребреница - Поточари, денес ќе бидат закопани посмртните останки на уште 71 жртва од геноцидот во Сребреница во јули 1995 година, пишува Anadolu Agency (AA).
Двајца браќа, татковци и синови, седум малолетници, една жена ... Денес конечниот спокој ќе го пронајдат посмртните останки на оние кои беа барани од своите најблиски повеќе од две децении.
Секој број на зелниот ковчег е едно име, име на лице кое имало семејство, живот, работа. За седуммина од нив младоста е прерано прекината. Тие не го дочекаа ниту полнолетството. Од училишните клупи отидоа во смрт. Убиени се, а не ја знаеа ниту причината за тоа.
Членови на семејствата на убиените, на соседите, пријателите, но и голем број на граѓани од сите делови на БиХ, регионот и светот денес се во Поточари. Дојдоа да оддат почит на 71 жртва кои денес ќе бидат закопани на гробиштата во Меморијалниот центар, но и на останатите 6.504 бели надгробни споменици кои сведочат за најголемата трагедија забележана на тлото на Европа по Втората светска војна.
Голем број од нив денес ќе го најдат својот спокој до претходно погребаните татковци, дедовци, браќа, вујковци и чичковци. Новите гробови се ископани за во нив да се спуштат воглавно некомплетните останки од телата на мажите и момчињата од Сребреница.
Најмладата жртва што ќе биде закопана на 11. јули е 15-годишниот Дамир (Кемал) Суљиќ, чии остатоци беа пронајдени во масовна гробница Бљечева, а најстарата жртва е Алија (Хусо) Салиховиќ, роден во 1923 година. Неговите посмртни остатоци беа пронајдени во масовните гробници Зелени Јадар и Пусмулиќи.
На гробиштата во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари досега се погребани посмртните останки на 6.504 жртви од геноцидот, а се трага по уште околу илјада.