Zülfiya Yakup
14 Јануари 2019•Ажурирај: 15 Јануари 2019
ПРИШТИНА (AA) - Вработените во образованието на сите нивоа во цело Косово денес стапија во генерален штрајк на неодредено време, кој ќе трае сè додека не биде исполнето нивното барање за зголемување на платите, јавува Anadolu Agency (AA).
Во штрајкот, освен вработените во училиштата и универзитетите, за прв пат стапија и вработените во градинките, а основно барање е платниот коефициент на просветните работници да се зголеми за 30 отсто.
Претседателот на Здружениот синдикат за образование, наука и култура (SBAShK), Рахман Јашарај, со членовите на Централниот одбор за штрајк ја посети градинката „Фатостат“ и основното училиште „Хасан Приштина“.
Јашарај во таа прилика нагласи дека синдикатот од мај месец одел од врата до врата, дека се одржани многу состаноци со функционерите и дека со дијалог не се решило прашањето за платниот коефициент на просветните работници преку Законот за плати, кој стасал до Собранието на Косово.
Тој истакна дека просветните работници тој закон го сметаат за дискриминаторски и потценувачки затоа што ги рангира на исто ниво со професиите за кои е потребно само основно и средно образование.
„За чудење е што институциите сакаа да дозволат еден нивен возач да има плата и коефициент поголем од професор со факултет“, рече Јашарај.
Претседателот на Здружениот синдикат за образование, наука и култура (SBAShK) нагласи дека штрајкот ќе трае до конкретно исполнување на барањата.
„Штрајкот ќе трае до моментот кога косовските институции ќе ги извршат своите задачи и ќе ги реализираат нашите барања за кои и самите рекоа дека се легитимни и праведни. Ве повикувам на единство и слога бидејќи се бориме да ја сочуваме личноста и авторитетот на наставниците“, порача Јашарај.
Претставникот на родителскиот одбор на учениците од основното училиште „Хасан Приштина“, Ферки Китају, во име на родителите во потполност го поддржа штрајкот на просветните работници, бидејќи смета дека и тоа е во интерес на децата.
Училиштата во Косово денеска требаше да го започнат второто полугодие, по двонеделниот зимски распуст. Од синдикатот порачаа дека часовите изгубени во текот на штрајкот ќе бидат надополнети.