Zylfije Adem Jakupi
02 Октомври 2021•Ажурирај: 02 Октомври 2021
ЈАРИЊЕ (АА) - Според договорот за деескалација на ситуацијата во северниот дел на Косово постигнат во четвртокот во Брисел, денес започна отстранувањето на барикадите со кои локалните Срби го блокираа патот кон Граничниот премин „Јариње“, како и повлекувањето на специјалните единици на Косовската полиција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од 20 септември, локалните Срби ги држеа блокирани патиштата кон граничните премини со Србија, Јариње и Брњак, во северниот дел на Косово, поради одлуката на косовската Влада да воведе реципроцитет за српските регистарски таблички.

Камионите и другите тешки возила со кои беа блокирани патиштата се отстранети од едната коловозна лента утрово околу седум часот. Присутни се патроли на КФОР со целосна воена опрема. На почетокот на барикадите недалеку од преминот „Јариње“, сè уште се специјалците на Косовската полиција, како и српските граѓани кои се собрани во групи покрај шаторите што ги поставија на 20 септември.
Ситуацијата е мирна, а рокот за целосно ослободување на патот и оддалечување на специјалците е до 16 часот.
Пред да започне процесот на повлекување на полицијата и отстранување на барикадите, според постигнатиот договор, во Јариње и Брњак дојде КФОР, каде што ќе остане околу две недели со цел да ја осигури безбедноста и слободата на движење.

Преговарачите на Косово и Србија, Бесник Бислими и Петар Петковиќ, со посредство на специјалниот претставник на Европската Унија за дијалог, Мирослав Лајчак, постигнаа договор во понеделникот, од 4 октомври да се започне со примена на режимот на налепници за регистарските таблички, односно на премините и од косовска и од српска страна. Со налепниците ќе се покриваат ознаките на државите и повеќе нема да има издавање пробни таблички.
Граѓаните на Косово во последните десет години при влез на територијата на Србија мораа да плаќаат пробни таблички и да ги тргаат своите регистарски таблички со кратенката РКС. На 20 септември, косовската Влада започна да ја применува истата мерка за возилата од Србија, што предизвика реакции од српското население.

Исто така, во Косово од 15 септември, кога истече петгодишниот договор од Брисел, статусно неутралните таблички на КС веќе не важат.
Во Косово уште од 2011 година, кога беше постигнат првиот договор за слобода на движење меѓу Косово и Србија, не се валидни ниту табличките со кратенки од косовските градови кои Србија сè уште ги издава, но беа толерирани во северниот дел од Косово, каде што живее мнозинско српско население. Најавата дека таквите таблички ќе бидат одземани особено ги вознемири Србите од северниот дел на Косово, и тоа, покрај реципроцитетот на српските таблички, беше дополнителна причина за нивниот протест.
Прашањето за регистарските таблички ги зголеми тензиите меѓу Приштина и Белград. Србија минатиот викенд изведе и воени маневри во близина на границата со Косово, а воени авиони ја прелетуваа граничната зона. Поради тоа, претставниците на ЕУ, како и на Соединетите Американски Држави, извршија притисок врз Приштина и Белград да се постигне договор за деескалација на ситуацијата.
Договорено е и да се формира заедничка работна група која ќе предложи трајно решение за регистарските таблички, најдоцна во април следната година. Постигнувањето на договорот го поздравија претставниците на ЕУ, САД и НАТО.