Zylfije Adem Jakupi
29 Декември 2022•Ажурирај: 29 Декември 2022
РУДАРЕ (АА) - Една од најголемите барикади на патиштата во северниот дел на Косово, во местото Рударе, кај Звечан, сè уште не е отстранета, но речиси да нема луѓе кои ја чуваат, јавува Агенција Анадолија (АА).
Оваа барикада од 14 камиони, цистерни и автобуси, која од 10 декември го блокира главниот пат Митровица - Лепосавиќ, сè уште не е отстранета, но зад барикадата речиси и да нема луѓе.
Во изминатите неколку дена десетици локални Срби, како и маскирани лица, деноноќно во смени ја чуваа барикадата.
Екипата на АА денеска на ова место затекна празни шатори и само неколку луѓе.
Пред барикадата, од правец на Митровица, стационирани се три џипа на КФОР.
Присутни се и многу медиумски екипи кои чекаат да започне отстранувањето на барикадата.
Иако за денеска е најавено отстранување на барикадите на северот на Косово, сè уште не се знае кога тоа ќе започне.