Zülfiya Yakup
15 Јули 2019•Ажурирај: 16 Јули 2019
ПРИШТИНА (АА) - Регионалната поврзаност во областа економија, енергетика, инфраструктура и луѓе, борбата за останување на младите во земјата и промовирање на младите уметници и туризмот, се приоритети на Република Косово за време на едногодишното претседавање со Процесот на соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), беше кажано денес на свечената церемонија за отворање на косовското претседавање со Процесот, јавува Anadolu Agency (AA).
Свеченото отворање го означи првиот заменик-премиер и министер за надворешни работи на Косово, Бехџет Пацоли, пред амбасадорите на странските земји. Пацоли потсети дека Косово во ПСЈИЕ се придружи во 2014 година, и дека водењето на оваа регионална иницијатива ќе се искористи за придонес во јакнењето на добрососедските односи во регионот, за надминување на поделбата и за промовирање на европските интеграции.
„Косово се стреми да придонесе за владеењето на мирот, безбедноста, добрососедските односи, стабилноста, надминување на поделбата и на сеопфатен и кохерентен пристап кон регионалната соработка и промовирањето на европската интеграција. Косовското раководство ќе биде продолжение на принципите на повелбата на ПСЈИЕ, изјавата на самитот на Процесот и блиску ќе соработуваме со сите земји учеснички во ПСЈИЕ и релевантните регионални и меѓународни структури“, изјави Пацоли.
Косовскиот шеф на дипломатијата наведе дека Косово поставило три тематски приоритети на своето претседавање со Процесот за соработка во југоисточна Европа, што ќе се обиде да ги реализира.
Пацоли изјави дека приоритетите ќе бидат фокусирање на поврзаноста и користење на најдобрите патишта кои постојат меѓу економијата, инфраструктурата, енергијата и луѓето.
Додаде дека втор приоритет ќе биде пронаоѓање начини на регионално ниво да се оствари борба за останување на младите во своите земји, додека трет приоритет е промовирање на културата низ промоција на младите уметници и промовирање на туризмот на земјите од регионот.
„Кога зборуваме за приоритети, процесот на интеграција во Европската Унија останува наша главна цел, преку која ќе ги наведеме сите наши приоритети за време на нашето претседавање. Ќе се обидеме да ја искористиме најдобрата стратегија на Западен Балкан, надевајќи се и сакајќи Западен Балкан да остане приоритет за лидерите на ЕУ“, рече Пацоли.
Косовскиот министер уште еднаш повтори дека Косово на Самитот на ПСЈИЕ одржан минатата недела во Сараево не учествувало бидејќи не е третирано како другите земји, а според неговите зборови, тоа можело да се избегне со координација меѓу земјите.
Косово, како што нагласи тој, е свесно дека ќе има зголемено внимание за време на претседавањето со ПСЈИЕ, посебно поради односите со некои од земјите од регионот, но Косово е одлучно да произведе позитивни вести.
Истовремено, Валдед Садику, директор на Одделот за регионални прашања при Министерството за надворешни работи на Косово, претстави рамковен календар на активности за време на косовското претседавање со ПСЈИЕ, а првата активност ќе биде во септември, станува збор за традиционален неформален состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ПСЈИЕ, во Њујорк, во рамките на Генералното собрание на Обединетите нации.